Од утре во промет новите банкноти од 10 и 50 денари, старите ќе може да се заменат во банките

Од утре ќе бидат пуштени во промет првите полимерни банкноти во Македонија со апоенска вредност од 10 и 50 денари, додека книжните банкноти од 10 и 50 денари престануваат да бидат законско средство за плаќање. Старите банкноти, ќе можат бесплатно да се заменат за други банкноти или ковани монети во еквивалентен износ во деловните македонски банки.

Со оваа промена Македонија станува една од државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута.

„Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал“, соопштуваат од Народната банка на Република Македонија.

Од денот на влегувањето во оптек на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари, книжните банкноти во истата апоенска вредност веќе нема да бидат законско средство за плаќање. Но, доколку граѓаните ги поседуваат и на 15 мај, нив ќе можат бесплатно да ги заменат за други банкноти или ковани монети во истиот износ, објаснуваат од НБРМ.

Од 15 мај годинава до 15 мај следната година, граѓаните ќе можат да ја извршат замената во деловните банки во Република Македонија. Доколку и по 15 мај следната година граѓаните поседуваат книжни банкноти од 10 или 50 денари, замената ќе можат да ја направат исклучиво во Народната банка на Република Македонија.

Од НБРМ посочуваат дека со полимерните банкноти ќе може да се вршат и готовински плаќања преку автоматите за наплата, откако фирмите коишто ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

Станува збор за банкноти кои не се оштетуваат лесно, што не е случај со хартијата, и кои имаат многу подолг век на траење. Овие банкноти се изработуваат од многу тенка, флексибилна пластична фолија која овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување банкноти.

Лабараторските тестови покажале дека полимерните банкноти се деформираат и топат на температура од 120 степени Целзиусови, што значи дека без оштетување ќе можат да преживеат во машините за перење.

Наместо водениот печат којшто го содржат книжните, полимерните банкноти ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Поконкретно, кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.

Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“.

Како заштитни знаци, овие полимерни банкноти, меѓу другото ќе содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.

На нив ќе има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид.