Од ракописи до виртуелен музеј – студентката Клементина Аврамовиќ го дигитализира творечкиот опус на Радован Павловски

Творештвото на македонскиот поет Радован Павловски добива свој виртуелен музеј. Во него, љубопитните талкачи по интернетот, младите книжевници или истражувачите за првпат ќе може на едно место да прочитаат 28 негови стихозбирки, дел од неговите цртежи како и аудио интерпретации и преводи на песните и биографски податоци.

Основачка на дигиталниот музеј е Клементина Аврамовиќ, студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Младата книжевничка вчера во аулата на Филолошкиот факултет организираше промотивен настан на кој присутните се запознаа со веб-страницата, а потоа студенти читаа одбрани песни на Павловски.

Делата кои се избрани и објавени на веб-страницата се резултат на повеќе-месечно пречитување и средување на опусот на Павловски што по неговата смрт минатата година беше доставен во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

„Одев во МАНУ и помагав да ги средиме ракописите на Радован. Се работи за рачно пишувани, машинописи и печатени дела. Откако се носи творештвото, таму се архивира, меѓутоа бидејќи вработениот не е книжевник потребни беа книжевници затоа што тие може да го сортираат неговите дела“, раскажува Аврамовиќ за Радио МОФ.

Таа ни откри дека идејата да изработи ваков проект, покрај од љубовта кон неговата поезија, специфично ѝ дошла и од песната „Порака“.

„Последните стихови гласат: ‘ако умрам мртов не носете ме во река, во зеницата на светот закопајте ме’… и да му ја исполниме таа желба. Ако нешто е денес зеница на светот тоа е интернетот“, забележува студентката.

Интернетот според неа е место поблиско до младите, а една од главните цели на овој динамичен и визуелен музеј, е творештвото на Павловски да стане подостапно токму до младите книжевници.

„Младите се малку пасивни, општо и книжевниците. Не сметам дека младите толку многу бараат книги по библиотеките, многу побрзо и полесно за нас е да ги најдеме на интернет и бидејќи за секое истражување ни треба достапност на информации и на таков начин може ќе поттикнеме да се прави нешто вакво и за други вакви автори“, поентира Аврамовиќ.

Според неа, потребни се институции, па дури и виртуелни во кои ќе се собира и чува творештвото на домашните писатели и поети.

„Тоа е културно и литературно наследство и богатство и сметам дека недостасува кај нас. Недостасуваат и музеи посветени на авторите. Имаме само неколку; на Блаже Конески, на Кочо Рацин, меѓутоа недостасуваат уште многу. Па, еве денес е полесно тоа да се направи барем на интернет. Треба да се уважи таа работа на писателите и да се шири нивното дело“, смета студентката.

За проектот, вели дека аплицирала на конкурс од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од каде добила соработка и поддршка, а го работела под менторство на професорката Лидија Капушевска-Дракулевска.

Покрај овој, Аврамовиќ активно работи уште еден книжевен проект насловен „Книжевна реч“. Тој веќе некое време функционира како блог и Инстаграм страница, а преку тоа, како што ни открива, се обидува да едуцира за книжевноста.

„Денес има профили на социјалните медиуми за книги, меѓутоа на нив се пишуваат рецензии, лични мислења, кои не се книжевни критики. Не се едуцира толку за книжевноста и мислев дека фали тоа кај нас“, посочува таа.

Голем дел од творештвото на Павловски во МАНУ сè уште не е сортирано па младата книжевничка вели дека ќе продолжи да работи таму додека се уреди целосно, а тоа ќе го пренесува и во виртуелниот музеј.

„Проектот ќе продолжи со сè што може да се исцрпи поврзано со него. Целта е да се инспирираат младите книжевници и тие да пишуваат за него. Така што сè што ќе биде напишано за него, ќе ставам на страната“, вели таа.

Ангела Бошкоска