Образовниот систем во затворите во САД – стара идеја со нова енергија

Пред осум години, кога Ноел Калделис почнал да ја служи казната затвор за убиство на студент, неговата основна цел била да направи повеќе од 20 години во затвор да поминат што е можно побрзо: вежбал, се шетал во дворот со другите затвореници и гледал телевизија.

Неколку години откако пристигнал во Корективниот комплекс Монро, Калделис открил дека може да го поминува времето развивајќи го својот ум, но и телото, и од теретаната се преселил во предавалната.

„Многу ми помогна да пораснам како личност“, вели Калделис, кој ја подготвува дипломската на студиите по историја.

Високото образование во американските затвори повторно почнува да се развива, повеќе од две децении откако било забрането парите на федералната влада да се користат за универзитетски програми зад решетки.

Промената дојде откако сите, од претседателот Обама до сенаторите и конгресмените, почнаа да бараат начини да добијат подобри резултати од буџетот од 80 милијарди долари кои САД ги троши на затворениците секоја година.

Пари од приватни извори ги одржале образовните програми во некои од затворите кога владините пари исчезнале. Неколку неодамнешни студии покажале дека овие проекти ја намалуваат стапката на криминал и трошоците за затворениците, помагајќи им да се вратат домаи да останат таму, место повторно да извршат кривично дело и да се вратат во затвор.

„Образованието во затвор трансформира. Води кон побезбедни заедници, а тоа е придобивка за сите“, вели Фред Патрик, директор на Центарот за казнување и корекција во Институтот за правда Вера, непрофитна организација од Њујорк која комбинира истражувачки и демонстративни проекти поврзани со криминалната правда.

Овие резултати поттикнале повеќе пари за оваа цел. Неодамна, Департманот за образование на САД реши повторно да експериментира со федералните грантови за студенти-затвореници. Четириесет и седум држави аплицирале да учествуваат во таа програма. Државите како Вашингтон, Њујорк и Калифорнија исто така планираат да потрошат повеќе државни пари на овие програми.

Руди Мадригал, студент на програмата Универзитет зад решетки во Вашингтон, вели дека искуството му го променило животот.

Мадригал, кој треба да отслужи 24 години затвор за убиство од втор степен и напад со смртоносно оружје, вели дека почнал да ја служи казната на лош начин, започнувајќи тепачки и предизвикувајќи неволји.

Пошол на првиот час само за да му помине времето, но се заинтересирал откако се поврзал со професор по математика и дознал дека може да заврши факултет со стипендија од приватна фондација.

„Откако започнав да учам, изградив врски не само со луѓето овде, но и со луѓе надвор од затворот“, вели Мадригал, кој се надева дека откако ќе излезе ќе се вработи како социјален работник и ќе им помага на другите.

Државните власти и експертите велат дека заедницата добива најмногу од ова. Студија на Корпорацијата Ранд за образованието во затворите открила дека кај затворениците кои учествуваат во било каква едукативна програма зад решетки има 43 отсто помала веројатност дека повторно ќе извршат престап.

Друга студија, финансирана од Департманот за корективни установи на Индијана, открила дека иако сите видови на образование кај затворениците имаат позитивно влијание, кај затворениците кои одат на факултетски курсеви има само 5 отсто веројатност да се вратат во затвор. За споредба, националниот просек за враќање на поранешните затвореници во корективна установа во тек од три години после излегувањето, е 68 отсто.

Во Вашингтон, за затворениците кои студираат од 2008 година до денес плаќаат приватни донатори. Државата обезбедува и стручно образование за секакви области, од програмски јазици до автомеханика.

Еден од начините со кои Вашингтон е поразличен од другите земји, е бројот на затвореници кои учествуваат во едукативните програми. Во Вашингтон има околу 16500 затвореници, од кои 11000 студираат, вели Мајк Парис, државен администратор за образование на затвореници. За споредба, во Калифорнија помалку од четвртина од 112000 затвореници учествуваат во образовните програми.

Програмата на Институтот Вера, платена од донации на приватни фондации, им дава на затворениците бесплатно високо образование и додека се во затвор, но и кога ќе излезат, како и други начини на поддршка, како менторирање и помош при сместување, во Мичиген, Њу Џерси и Северна Каролина.

Калифорнија ќе почне со пробен проект оваа есен, со кој четири државни факултети ќе соработуваат со државните затвори. Досега повеќето затвореници во Калифорнија следеле часови онлајн.

Катја Шате, кандидат за докторат на Универзитетот во Вашингтон која предава историја во државниот затвор Монро, вели дека реформата на затворскиот систем е преплетена со многу нешта кои се случуваат во американското општество денес – од движењето Black Lives Matter, до нееднаквоста во јавните училишта.

„Луѓето треба да размислуваат за тоа како да ги држиме луѓето надвор од затворите, а одговорот е образованието“, вели Шате.

Извор: Mashable