Објавени првите добитници на конкурсот „Нов културен бран“

Педесет и три апликации се избрани во првиот круг на селекција за конкурсот на Манифестацијата „Нов културен бран“ на Министерството за култура. Овие 53 апликации се избрани од речиси 200 пријави, а за нив се распределени околу 6 милиони денари. Во тек е вториот конкурсен рок, кој ќе трае се до исцрпување на буџетот на Манифестацијата.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски рече дека новото раководство на министерството ветило воведување нови стандарди на работење – транспарентност, отчетност, непристрасност и ефикасност на сите фактори во културниот систем, дека ќе се гарантира автономијата во изборот на програмите и проектите. Исто така, дека ќе се воспостави практика секоја одлука да биде изведена врз јасни критериуми и да биде образложена, статутите и стратегиските документи ќе бидат објавени заедно со критериумите, за да може јавноста, како што рече, да се увери и да донесе суд дали и колку се почитувани зацртаните цели и критериуми преку секоја конкретна програма или селекција.

„Токму со Новиот културен бран, ние ги демонстриравме во практика нашите зацртани цели. Конкурсот беше објавен и промовиран интензивно, преку прес конференции, соопштенија до јавноста и медиумите и многу објавени содржини на социјалните мрежи, а за тоа не потрошивме ниту еден денар од парите на граѓаните. Формиравме стручна комисија, составена од истакнати културни работници и познавачи на различни аспекти на организирање и осмислување културни настани. Комисијата беше составена од надворешни лица, тие работеа целосно автономно, без обиди за вмешување или влијание од страна на Министерството и вработените“, рече Алаѓозовски.

На долните линкови на сајтот на министерството може да се најдат извештајот на комисијата и листата на првично одобрени проекти, која ги вклучува носителите, видот на настан и местото на одржување, побараните и одобрените средства.