„Обичните“ во режија на Софи Линенбаум ги доби наградите за најдобар филм и сценарио на „Cinedays“

Филмот „Обичните“ во режија на Софи Линенбаум ги доби Златната ѕвезда за најдобар филм и Сината ѕвезда за најдобро сценарио на Фестивалот за европски филм – „Cinedays“

„Со создавањето незаборавен свет преку користење улоги во филмови за да се прикаже неправедноста во нашите општества, ова дебитантско дело ни дава единствен глас, кој се осмелува остроумно да експериментира воспоставените филмски правила. Режисерот остро пркоси на дискриминацијата со досетлива сатира и трогателна драма“, изјавија од Фестивалот за филмот на Линенбаум.

Жири комисијата за наградите на годинешниот 22. „Cinedays“ беше во состав на Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер.

Сребрена ѕвезда за најдобра режија доби филмот „Тајмаут“ од Ев Душман.

„Голем предизвик е да се направи филм што паралелно прикажува живот на три лика, кои уште од почеток се прикажани како антагонисти што излегуваат од затвор. Режисерката со леснотија нѐ запознава со овој свет. Начинот на кој ги води ликовите остава без здив и навивате за нив дури и во нивните најмрачни моменти, низ разни невозможни потфати во обид повторно да се поврзат со своите најблиски“, велат од жири-комисијата.

Наградите се доделија на последниот ден од „Cinedays“ по премиерата на „Бизнисот на задоволството“ од Гоце Цветановски.

Жирито специјално признание за најдобра изведба ѝ додели на Марија Васкез за нејзиниот перформанс во „Матријархат“ во режија Алваро Гагос.

Изборот за наградите во селекцијата „South Eastern Europa“ го направи жири во состав на Влатко Галевски, претседател и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови. Според нивната одлука, Наградата на филмската критика се додели на филмот „ЛЕРИ“ (Larry) од сценаристот и режисер Шилард Бернат.

„Оваа ангажирана социјална драма ги осветлува проблемите на семејното и родово насилство и созревањето на главниот лик, комбинирајќи го текот на приказната со супериорна визуелизација и одлична актерска игра. Исклучително умешно е изведено преплетувањето на контрастните социјални пејзажи – од руралноста до хип-хопот“, се вели во одлуката.

Златно сонце за најдобар филм во програмата филмови од Југоисточна Европа ја доби „Шоља кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи.

„Филм кој покажува оригинален пристап кон комуникацијата и неможноста да се комуницира, како и кон тишината. Освен одличната актерска игра, зад оваа необична приказна се крие и современо чувство на изолација со кое сите можеме да се поврземе. Оваа приказна на извонредно суптилен начин ја доловува интимната драма и трагична судбина на браќата близнаци. Публиката е емотивното вовлечена во трагичната судбина на главните ликови, а наративот и визуелната постапка се во мајсторски изведена синергија“, изјавија од „Cinedays“.

Годинешното издание на „Cinedays“ се одржа под слоганот „Муви најт “. Фестивалот, како што информираат организаторите го посетиле повеќе од 5000 вљубеници на европскиот филм.