О2 Коалиција: Уставните судии да одлучат по четирите спорни ДУП-ови за Карпош

О2 Коалицијата бара уставните судии да прекинат со непостапувањето и да одлучат по спорните ДУП-ови за Карпош. Реакцијата доаѓа откако пред еден месец, граѓаните од Коалицијата го повикаа Претседателот на Уставен да преземе одговорност, да ја утврди причината за одолговлекување и да побара одлучување по поднесените граѓански иницијативи во врска со четири ДУП-ови во оваа општина.

„Уставниот суд сѐ уште ги игнорира изразените основани сомнежи и продолжува да не го штити уставното начело на владеење на правото.  Овие претставки се израз на повеќегодишни заложби на жителите во оваа скопска општина, да стават крај на непланираното уредување и дехуманизација на просторот, уништување и деградирање на животната средина и на природата, сите нарушени и загрозени Уставни темелни врдности и права“, посочуваат од Коалицијата.

Во писмото од 30 март, од Претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, тие побараа да ги утврди причините за непостапување по предметите примени од Уставниот пред половина година, и да побара брзо одлучување по нив.

„Пролонгирање на одлуките по овие предмети, носи тешко отстранливи последици за што е побарано од Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.  Со оглед на бројот на судии, бројот на предмети и времето кога овие 4 предмети се доставени до Уставниот суд, едноставноста на утврдување на повредата на постапката, а со тоа и повреда на уставното начело на владеење на правото, секое одлагање по постапување по овие предмети е неоправдано“, децидни с еод Коалицијата О2.

Тие најавија дека јавно ќе ги повикуваат судиите сѐ додека Уставниот суд не донесе конечни одлуки по четирите предмети.