„Новиот почеток“ со концертна промоција на албумот „Јас сум земја“

Оваа сабота (16-ти мај), со почеток во 21 часот, во Младинскиот Културен Центар во Скопје, ќе се одржи концертната промоција на албумот „Јас сум земја“ на скопскиот бенд „Новиот Почеток“.

Ова е четврто издание на бендот кој започна да создава музика во 2002 година, а во ова издание се Филип Тасевски – Fitz aka Feetz (вокал и гитара), Никола Исаиловски – Fat Cacko (гитара и вокал), Борјан Сандревски (бас) и Стефан Сајковски (тапани).

Албумот „Јас сум земја“ е снимен и продуциран од страна на Ивица Јанкуловски – Штраф во MarryPhat студио – во периодот од октомври, 2014 до февруари, 2015 година. По двата синглови „Јади од лешот свој“ (за кој беше објавено и видео) и „Резерватот“, изданието се појави на 16-ти април во целост во дигитален формат, каде е сè уште достапно за бесплатно преслушување, но и за дигитално преземање.

На промоцијата на 16-ти мај во Скопје, албумот ќе биде достапен на CD и во ограничена количина на винил. Воедно, ова е прво од четирите изданија на бендот кое ќе биде издадено на плоча.

Како специјални гости на концертот доаѓаат Bright Sight од Софија, а ќе настапат и локалните Generiss и Alternative Nation. Влезниците за промоцијата се веќе пуштени во претпродажба на билeтерата на МКЦ.

По концертната промоција во Скопје, бендот заминува на нова едномесечна европска турнеја во јуни (04.06 – 28.06), заедно со битолската група Spank.