Новинарските здруженија со осуда за заканите кон новинари од директорката на НА, Лидија Димова

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопштија дека ја осудуваат непримерната јавна комуникација со обид за дискредитација, проследена со закани со тужба, кон новинарите на онлајн медиумот „А1он“ од страна на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.

„Во соопштението потпишано од Димова и Зоран Златковски, управител на „В.Е.З. Трејд“, објавено како реакција на текстот објавен од „А1он“ со наслов „Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација“, има тенденција за дискредитирање на авторот на текстот, како и обиди за утврдување и оценување на новинарските стандарди, што е исклучиво работа на професионалната новинарска заедница . Неприфатливо е државни функционери од позиција на моќ да се закануваат со тужби за навреда и клевета кон новинари, бидејќи тоа речиси во сите случаи се толкува како притисок врз медиумите и слободата на печатот и обид за наметнување на цензура“, велат новинарските здруженија во заедничкото соопштение.

Здруженијата потенцираат и дека јавните личности, особено избраните и именуваните функционери, се подложни на јавна критика и тоа треба да го прифатат како дел од нивната работа.

„Ги упатуваме засегнатите наместо јавно да омаловажуваат новинари и да се бават со новинарска етика, да се обратат до Советот за етика во медиумите во Македонија или Советот на честа во ЗНМ, но и да го искористат правото на демант доколку е тоа нужно. Истовремено, апелираме до новинарите и медиумските работници да се придржуваат до кодексот на новинари и до професионалните и етички стандарди и при објавување на содржини за евентуална злоупотреба на јавни фондови внимателно да ги земат во предвид сите кредибилни извори на информации“, додаваат од ССНМ, ЗНМ и СЕММ.

Заканите со тужба од директорката Димова кон новинарот на А1.он ги осудија и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

„Заканите за тужби, наместо сопоставување аргументи или користење на правото на исправка или одговор претставуваат директен притисок врз работата на медиумите и обид за цензура. Оттаму секој вид на закани и притисоци врз новинари претставуваат загрозување на слободата на информирање и се апсолутно неприфатливи. Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да отвараат прашања од јавен интерес и треба да се поттикнуваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски и навремено да ја информираат јавноста. Истовремено, медиумските работници треба да се придржуваат до новинарските стандарди, да ги проверуваат информациите пред нивното објавување и да ги земат предвид сите релевантни извори“, велат од ААВМУ.