Новинар од Мјанмар доби седум години затвор за критикување на Су Чи на Фејсбук

Мјанмарски суд го осуди поранешниот политички коментатор Нгар Мин Све на седум години затвор, поради упатени критики преку Фејсбук на сметка на лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи.

Судот го прогласи новинарот за виновен поради „навредливи објави“ против Су Чи, со што „кај луѓето создавал лажна претстава за неа“.

Мин Све е поранешен колумнист на провладин весник, што излегувал од печат во време на воената хунта. Тој е познат како жесток критичар на Сан Су Чи, која е дисидентка од времето на хунтата и која дојде на власт на почетокот на 2016 година со обнова на демократијата во земјата.