Новинар кој престанал да се бања: Мирисам на човек, а не на продукт

Научни студии врз изолирани домородни племиња покажуваат дека бањањето со разни продукти со сапун го намалува бројот на корисни микроби на нашата кожа. Новинарката на Гардијан, Читра Рамасвами, отвара дебата со текстот кој го поставува прашањето: „Дали треба да престанеме да се бањаме?“, во кој го опишува искуството на Џејмс Хамблин, уредник во „The Atlantic“.

Пред една година тој почнал да се бања многу поретко. А потоа и целосно престанал.

„Процесот беше постепен. Се навикнував шест месеци на тоа и увидов дека мојата кожа станува помалку валкана, маслена и миризлива“.

Но колку често се бања сега?

„Внимателен сум во миењето на рацете. Ги плакнам кога сум облеан со пот после трчање и треба да бидам на ручек за десет минути, или ако изгледам ужасно и непрофесионално по будење. Освен во овие случаи, не правам ништо“, опишува тој.

Одредени научници тврдат дека редовно бањање го нарушува сложениот екосистем на телото и ги уништува микробиомите – богатата заедница на бактерии населени внатре и на површината на нашите тела. Една понова студија, открила дека Јаномами, едно од најизолираните домородни племиња кои живеат во делот на Амазон кој припаѓа на Венецуела, се „домаќини“ на најразновидната констелација на микроби откриена кај луѓето. Пораката е дека помалку бањање може да биде добро, не само за околината (помалку вода, помалку производи), туку и за луѓето.

Што го натерало Хамблин да се откаже?

„Следев сторија за компанија која продава бактериски спреј, кој треба да го промени биомот на кожата“, објаснува, посочувајќи го производот покренат во 2015 година од хемиски инженер кој тврди дека не се избањал 12 години. „Не одам до толку да се прскам со бактерии, но тоа ме натера да размислам… можеби неразумно е да го уништуваме овој екосистем триејќи се со сапун секој ден“, објаснува Хамблин.

Големото прашање – колку мириса?

„Најдобар доказ за тоа е од мојата девојка, која вели дека имам мирис, но не нападен. Таа вели дека мирисам како човек, наместо да мирисам на производ“, одговара.

Хамблин вели дека нема идеја дали мириса на „бреза, цимет или нешто друго“, додавајќи дека не би препорачал сите да престанат да се бањаат. „Имав единствено искуство. Не сакам да кажам дека така би било за сите и не мора сите да одат до екстремот до кој што одев јас. Но повеќето од нас можат да се запрашаат за потребата за секојдневниот ритуал на детално чистење“, порачува тој.

Како луѓето реагирале на неговата одлука? Во периодот на привикнување имало моменти кога испуштал, како што тој го нарекува, „мирис на кромид“ на телото. „Тогаш правев некои итни покривања или зачистувања“, посочува.

„Не мислам дека сум навредил некого, но ако сум го направил тоа, се извинувам“, завршува тој.