Нова тура забелешки за студентското организирање, автономијата и финансирањето на универзитетите

Како до поголема автономија, подобро студенско организирање, стандард на професори и модели на финансирање на универзитетите… беа некои од прашањата кои произлегоа од Јавната расправа за Законот за високо образование (ЗВО), организирана од собраниската Комисија за образование наука и спорт.

Овој предлог-закон е во собраниска процедура, а денес наиде на бројни предлози и забелешки од институции, организации, ректори, професори, студенти… Сите учестуваа во ново негово „гланцање“. Дадоа мислења и критики, со цел да се оформи пофункционален закон и механизми во високото образование.

Мартина Илиевска од Младински образовен форум (МОФ) нагласи дека е важно што предлог-законот донесе доста позитивни промени, особено што студенските собранија не се невладини организации, туку се тела во склоп на факултетите. Исто така, нагласи таа, голема промена е што студентскиот правобранител ќе може самостојно да постапува.

„Во однос на правобранителот, сметаме дека тој треба да биде избран од студентите на општи, тајни и непосредни студентски избори, наместо од Сенатот каде мнозинството се професори. Доколку се направи оваа промена, правобранителот го добива кредибилитетот од самите студенти и неговата отчетност ќе биде насочена кон нив. Впрочем и неговата работа е заштита на студентите, а не на целата академска заедница“, рече Илиевска, додавајќи дека услов за негов избор е тој да мора да биде правни студии.

Во однос на организирањето на студентите и нивно учество во управувањето, Илиевска смета дека сите претставници на студентите треба да бидат избрани на тајни и непосредни избори, а не како што е предложено по делегатски систем, бидејќи, вели таа, така се дава моќ само на едно тело кое понатаму делегира.

„Понатаму, сметаме дека е добра идејата што за прв пат има тело за пријава на корупција, меѓутоа тоа моментално е еден човек избран од Сенатот. Телото треба да биде тело составено од студенти, професори и студенскиот правобранител. Исто така, да се воведе универзитетска комисија за заштита од дискриминација, составена и од студенти, и од професори“, рече Илиевска од МОФ.

Претставникот од Студентски пленум, Борјан Ефтимов, предложи моќта да се децентрализира од претседателот на студенското собрание кон студентите, преку нивните претставници по генерации, или понатаму како ќе се уреди со Статутот на факултетот или универзитетите.

„Во нашиот модел, претседателот би бил избран од пратениците, кои ќе имаат контрола врз него и доколку не ги извршува одлуките на Собрание, може да биде разрешен. Доколку се избере непосредно (на студенски избори) постои можност од ‘одбојка демократија’. Претседателот ќе ја префрла топката на терен на Собранието, од друга страна пратениците кон него велејќи ‘не сме ние криви, тој е крив зошто не функционира собранието’. Од сето ова ќе патат студентите“, нагласи Ефтимов.

Понатаму, дополни тој, претседателот на студенското собранието треба да се замени со колективен орган – претседателство, формирано од повеќе членови и ќе има децентрализирање на моќта, а под контрола на неговите пратеници.

Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), сугерираше да се избрише можноста со која се враќа целосниот правен субјективитет на факултетите и институтите, како единици во состав на Универзитетот, односно се напушта концептот на интегриран универзитет.

„Организациската и статусната поставеност на универзитетите во Европа и во светот апсолутно го препознава и одразува концептот на интегриран универзитет, а не обратно. Со давањето својство на правно лице на единиците, законот ја напушта концепцијата за интегриран универзитет според Болоњската декларација, што негативно ќе се одрази на мислењето на ЕУ“, рече ректорот на УКИМ.

Понатаму, смета дека не треба да се навлегува во содржината на студиските програми и рече тоа треба да им се остави на факултетите со што, рече тој, ќе се потенцира и автономијата на високообразовните установи. Побара сите членови на Одборот за евалуација и акредитација да се бираат на конкурс, а го пренесе и ставот на Сенатот на УКИМ за определување минимална нето-плата.

„Со тоа што – три и пол просечни плати за редовен, три просечни плати за вонреден професор и две и пол просечни плати за доцент, односно две просечни плати за асистент“, нагласи Јанкуловски, барајќи во најблиска иднина да се регулира финансирањето на високото образование, додека одредбата за непотизам ја оквалификува како „неуставна“.

Блажо Боев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип е веќе 37 години во високото образование. Досега, вели тој, видел секакви закони, а овој е „квалитативен исчекор нанапред“. Не е идеален, и не треба да се очекува да ги разреши сите прашања во високото образование, смета Боев, но доволно добро ја артикулира материјата.

За прашањата на изборите на професорите, смета треба да завршат во рамки на годишниот инспекциски надзор.

„Пет години е долг период, зашто во тие пет години професорот ќе потпише многу документи. Една година е доволно временски период во кој инспекциските органи би може да ги погледат актите на универзитетите доколку нешто рапидно отскокнува од законот. Тоа би бил голем исчекор во зајакнување на автономијата“, рече Боев.

За Законот смета дека во моментот дава можност на подмладок, имајќи предвид дека универзитетите се стари. Затоа до министерката сугерираше да обезбедат и можност за влез на поголема количина млади луѓе.

Од јавната расправа во Собранието

„Тоа ќе помогне да не заминуваат од државата и поквалитетните кадри во универзитетите. Во поглед на студентите, би било добро да се стави член во законот за да се каже дека ‘студентите можат да работат’. Ништо страшно е да студираат, и да работат“, додаде Боев.

За него значајно прашање е и стандардот на професорите, односно на вработените во високообразовните установи. Побара „барем да бидеме блиску со околните земји со платите“.

Азиз Положани, ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, побара од Владата и самиот премиер образованието да го стават во функција на поголема финансиска, но и политичка поддршка од сите структури.

„Во оваа насока, останува многу да се сработи за унификација и стабилизација на финансирањето во високото образование. Овој закон има настојување за напрадувања, но се уште се нејасни. Треба нов модел на финансирање на високото образование. Не можете да очекувате квалитет, а од друга страна приходите зависат од тие што ги генерираат студентите. Има правило – кој плаќа ги насочува и политиките. Меѓутоа, високото образование треба да биде што помалкиу зависно од студентите. Треба поширок консензус меѓу сите владини чинители, бидејќи засега буџет и Министерство за финансии. Не може квалитет со овој модел на финансирање“, рече Положани.

За Башким Зибери, професор и проректор од Универзитетот во Тетово, во ист дух на ЗВО треба да се донесе и закон за научно истражување и иновации.

„Треба да се прифати со неопходните компоненти како на пример научноистражувачката работа – изградба на лаборатории. Треба да бидеме внимателни, бидејќи минатата влада инвестираше 32 милиони евра во вакви лаборатории, но голем број од нас не знаеме каде се тие средства?! Нема никаква полза од овие средства. Наместо тоа, требаше да изгради една централна лабораторија на ниво на Македонија, каде сите универзитети ќе може да прават анализи“, рече тој.

Со новиот предлог-закон, нагласи тој, треба да се поздрави поделбата на власта. Но, ова не се случува поради влијианието однадвор, туку „поддршката одвнатре, односно внатрешните структури на универзитетите“.

„Законот им дава голема автономија на универзитетите. Автономијата да ја регулираат со деловници и статусот на универзитетот, но треба да се создаде и механизам за да се контролира овој статус. Да не се преправаме дека системот на високото образование е во добра состојба. Тие што придонесоа за ваквата состојба се и самите универзитети. Во одборот за акредитација доаѓаат и сакаат да акредитираат разни програми“, рече Зибери.

Министерката Рената Дескоска тврди дека предлог-законот за високо образование е правен за универзитетите и од универзитетите. Очекува да биде донесен со консензус, искажувајќи задоволство што во неговата подготовка во изминатите девет месеци учествувале сите засегнати страни и сугестиите биле вградени во верзиите на текстот.

„Како професор на факултет, во изминатите 20 години сум ги поминала сите скалила – од демонстратор до редовен професор на Универзитетот и ги видов периодите на неговиот сјај и неговата беда кога универзитетите се претворија во трафики за дипломи. Сум почувствувала што значат демократски односи на универзитетот и можност за развој на слободна мисла, но исто така сум била сведок на она што значи не толку слободни и демократски односи“, рече Дескоска, потенцирајќи дека новиот закон треба да биде основа за идниот развој на високото образование, односно „да им се стави крај на аномалиите и на корпоративниот пристап во образованието“.

Околу критериумите за финансирање, останува тие да ги утврди новото тело предвидено со предлог-законот – националниот совет за образование, наука и истражување, во кое две третини ќе бидат професори, а останатите студенти, преставници од МАНУ и бизнис-заедницата.

Бојан Шашевски