Нова изведба на „Хадерсфилд“ на Младинскиот алтернативен театар во кино Култура

Во четврток (19 април) од 20 часот во кино Култура ќе се одигра претставата „Хадерсфилд“ по текст на Угљеша Шајтинац во продукција на Младинскиот Алтернативен Театар – МАТ.

Дејството на претставата е сместено во мал град во Војводина. Монотониот живот на Раша, Иван и Дуле е прекинат со доаѓањето на Игор, кој од почетокот на деведесетите живее во Хадерсфилд. Се поставува прашањето: Во која мера изборот да се оди или да се остане ги одредува судбините и животните филозофии на секој од ликовите?

„Оваа драма, на триесетгоднишници, со еден нов речник, не особено богат и разговорилив, но убедлив и несрамежлив. Без експлицитност, ако ги иземеме пцовките и речникот на гадење и презир. Нови циници и побуненици. Големи градови и мали, тесни, смачени и тегобни животи..животна, речиси документарна пустош, и над неа, или меѓу редови, траги на негазена човечност и уште неизгасени љубови, топлини, сочувство и разбирање. Претстава од млади за млади. Со богат арсенал на пцовки, а нежна претстава, без сентимент и среќа, али со жал за духовноста која пополека изумира… Пцујам, а да пеам би сакал(а)“, посочуваат организаторите.

Во претставата играат: Хари Михајловски, Томислав Давидовски, Сара Анастасовска, Чедомир Митевски. Мишо Димитријевски и Зоран Митровиќ. Режијата е заедничка на актерите вклучени во претставата.