Нов Зеланд е првата држава во светот која ги забрани тенките пластични кеси за овошје и зеленчук

Нов Зеланд стана првата држава која ја прошири забраната за пластични кеси во супермаркетите за да се опфатат и тенките кеси кои вообичаено служат за складирање на овошјето и зеленчукот.

Ваквиот потег кој стапи на сила во саботата е дел од пошироката владина кампања против користењето на пластичната амбалажа за еднократна употреба.

Најголемиот дел од потрошувачите во земјата веќе носат свои торби кога пазаруваат во маркетите.

„Нов Зеланд произведува премногу отпад, премногу пластичен отпад“, изјави заменик-министерката за екологија, Рејчел Брукингс.

Според неа, од воведување на забраната за подебелите пластични кеси, во земјата биле искористени дури една милијарда помалку кеси. Со новата забрана се очекува дека ќе се користат 150 милиони пластични кеси помалку годишно.

Критичарите на оваа мерка се загрижени дека купувачите може да ги ставаат намирниците во хартиени кеси кои и понатаму се достапни во супермаркетите.

„И покрај тоа вреди да се направи оваа промена, но ние навистина сакаме да го намалиме отпадот од секаков вид амбалажа за еднократна употреба. Сакаме луѓето да носат со себе свои кеси, а супермаркетите да користат торби кои можат да се реупотребуваат“, додаде заменик-министерката.

Владата на Нов Зеланд има направено прогрес и во други иницијативи чија намена е да се намалат климатските промени. Во октомври предложија оданочување на стакленичките гасови произведени од животни од фармите како овците и добитокот. Според овој предлог, земјоделците ќе мора да плаќаат некаква форма на данок поради земјоделските емисии од 2025 година.

Земјоделската индустрија во Нов Зеланд е одговорна за околу половина од сите емисии на стакленички гасови во земјата.