Нов мост над Вардар ќе ги спојува Аеродром со Саем

Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција го најави новиот инфраструктурен проект за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар.

Нов мост ќе го поврзува булевар „АСНОМ“ кај хотелот „Русија“, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, се до раскрсницата кај скопското сајмиште.

Според Град Скопје, пробивањето на овој сообраќаен коридор, кој ќе ги поврзува Аеродром, Гази Баба и Центар, ќе овозможи да се патува побрзо и побезбедно.

„Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ Бисер со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено“, рече денес градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Новиот проект освен нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2.170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Со коридорот се најавени и нови автобуски линии.

„На граѓаните на Скопје им се потребни решенија што трајно ќе го ослободат градот од сообраќајниот метеж, тие заслужуваат брз и безбеден сообраќај, а ова е само почеток на еден процес кој води до постигнување на таа цел“, потенцираше Шилегов.

Во Скопје денес постојат девет мостови за моторизиран сообраќај преку Вардар. Но, од градот потенцираат дека пштината со најмногу жители – Аеродром, и онаа со најголема економска активност – Гази Баба, сега се поврзани со само еден мост.

„Проектот којшто беше презентиран денеска е предвиден во ГУП од 1965-та година, а досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи“, соопштуваат од Град Скопје.