Нов ден, нов протест против договорот со Грција

Со знамиња, песни и извици за поддршка на претседателот Ѓорѓе Иванов, кој најави дека нема да го потпише указот за Законот за ратификација на договорот со Грција за името, граѓани синоќа повторно протестираа пред Собранието. Протестите ќе продолжат и денеска.

Граѓаните што протестираат сметаат дека договорот е штетен за Македонија, а бараат да биде отфрлен и најавениот референдум.

Бараат средба со претседателот. Синоќа биле информирани од обезбедувањето на претседателот, дека според протоколот, средба ќе биде дополнително закажана и потоа ќе бидат повикани, но очекуваат тоа да се случи во следните денови.

За утре е најавен „Голем сенароден протест против промена на името Македонија“ од 20 часот пред законодавниот дом, инициран од движењето„Млади за Македонија“.

„Не можеме да дозволиме оваа квинслишка и предавничка влада да го уништи постоењето на Македонија со менување на нашето вечно име и идентитет. Нагласуваме дека протестот е непартиски и позади не стои ниту една политичка партија. Ние сме студенти од сите политички спектруми обединети за одбрана на името и идентитетот на Македонија“, велат од Млади за Македонија.