„Но Пасаран“: Нема краен рок во кој исклучените од парно можат да побараат укинување на паушалот од БЕГ

Граѓаните кои се уште не поднеле Барање за ослободување од паушалот кој го наплаќа БЕГ можат и понатаму да го сторат тоа како и досега, стои во соопштението на Здружението за заштита на граѓанските права „Но Пасаран“ Скопје .

„Во Правилата за снабдување со топлинска енергија на Регулаторна комисија за енергетика нема краен рок и рокот од 31.05.2019 година е спротивно на Правилата и Законите“, посочуваат од здружението.

Оттаму бараат Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ)веднаш да и ги одземе лиценците на БЕГ поради, како што велат, незаконско работење на компанијата за остварување поголем профит.  „Но Пасаран“ исто така ги советува граѓаните да размислат пред да решат да се вклучат во системот за греење е проблематично, бидејќи според сегашните Правила во член 54 значително е отежнато исклучувањето од системот.

„Процесот е скап и бавен со што намерно се гази врз правото на избор на граѓаните“, посочуваат од Здружението.

На крајот на март, 2019 РКЕ донесе одлука со која исклучените од системот за парно греење од април повеќе не треба да плаќаат паушал. Но, дел од граѓаните во април добија сметки за наплата на паушалот по што од РКЕ апелираа да не се плаќаат сметките и да поднесат барања до Комисијата за да престанат и понатаму да им стигаат сметки. Од БЕГ пак излегоа со соопштение дека ако исклучените од парнио не сакаат да плаќаат надоместок, мора да се пријават најдоцна до 31 мај, 2019. Притоа треба да поднесат нов имотен лист (не постар од 6 месеци) и лична карта.

Собирите на исклучените граѓани од централното парно греење во Скопје продолжуваат секоја сабота во 12:00 пред Триумфална капија, а како што велет од „Но Пасаран“, доколку е потребно ќе бидат префрлени секој работен ден пред новото седиште на Регулаторна комисија за енергетика.