#НизТвојотОбјектив – Улична фотографија од Ива Јованова

Денес во нашата фото-рубрика се дружиме со Ива Јованова. Таа за време на студиите по архитектура изградила „внатрешен објектив“ низ кој, како што вели, сега гледа и доживува еден град.

„Верувам дека секој простор, независно дали отворен-затворен, тивок-гласен, пошумен-бетониран, во себе носи потенцијал за живеење, особено град кој е толку разнолик и возбудвлив како Скопје, а и особено за младите луѓе во него. За жал мислам дека таа слобода постојано ни се намалува поради состојбата во која е нашата држава, но градот и покрај толку интервенции сеуште е истраен и нуди многу и јавни а и затскриени ‘џебови’ во кои луѓето можат да излезат и едноставно да бидат“, раскажува Јованова.

Младата фотографка со години наназад документира места на луѓе, или како што вели места на бидување на луѓето.

„Дали преку тоа како ги покриваат возилата, каде го оставаат пивото и прават шанк на тротоар, а и преку детали, бидејќи повторно убавината и состојбата на Скопје мислам дека најмногу се забележува во деталите. Би рекла дека градот е еден сервис за нас неговите корисници и домувачи, колку повеќе грижа му даваме толку повеќе тој не наградува со просторни искуства, а Скопје дефинитивно е, еден град на кој треба да му дадеме многу многу грижа“, истакнува таа.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.