„Низ ножици“ – изложба на Јован Јосифовски

Како дел од официјалната програма на Прајд викендот во Скопје чие мото оваа година е „Суров оптимизам“, на 7 септември со почеток во 18 и 30 часот, во „Комитет“ ќе биде отворена изложбата „Низ ножици“ на Јован Јосифовски.

Колажните композиции во рамките на првата самостојна изложба, „Низ ножиците“ на Јосифовски изнесуваат на виделина аспекти на нашата мрачна сегашност, ги разоткриваат угнетувачките гестови зад бетонските универзитетски ѕидови, го изместуваат чистото и светото на религијата во валканите секрети од задоволствата на сексот, и го изложува насилството на милозната молитва, ги пакуваат раните од конфекциската машина и капиталот на текстилната индустрија, создаваат простор да проговори иронично Ајнштајн зад бирократските и неспособни лавиринти на институционалната бирократија, бесрамно го абортираат истоштувачкиот бипартиски тридецениски систем на македонската политичка сцена, и ни ја разголуваат играта со карти на профитерските моќници и нејзините катастрофални еколошки последици.

Официјалниот постер за изложбата „Низ ножици“ на Јован Јосифовски

„Токму овие аспекти на колажната техника му овозможуваат на Јосифовски громогласно да се смее и критикува, остро со потегот на ножиците. Преку колажните фрагменти и парчиња, изненадувачките комбинации и композиции, преупотребата на веќе искористени материјали, и изненадувачките средби на слики, зборови и предмети, Јосифовски се спротивставува на Господаречкиот Означител и претензијата, секогаш насилна, на универзалност, привилегираност, доминација, хиерархија, централизација и репрезентација на Една Вистина, Едно Тело, Една Сексуалност, Едно Знаење, Едно Значење, Еден Бог“, пишуваат организаторите.

Изложбата ќе биде отворена до 21 септември, а посетителите ќе можат да ја посетат секој работен ден во периодот од 16 до 22 часот.