Никнало првото растение на Месечината, соопшти Кинеската вселенска агенција

Семињата однесени на Месечината од кинеската вселенска мисија Чанг 4 почнале да никнуваат, соопштила Националната вселенска администрација на Кина.

Ова е историски момент бидејќи за прв пат расте биолошка материја на природниот сателит на Земјата и претставува значаен чекор за иднината на вселенските истражувања. Досега биле одгледувани растенија на Меѓународната вселенска станица, но ова е прв пат таков обид да се направи на Месечината.

Кинеското летало носи семиња на памук, кромпир, квасец и јајца од вински мушички. Растенијата се затворени во посебен сад во леталото. Семињата се обидуваат да формираат сопствена мини биосфера, вештачка самоодржлива средина.

Денеска кинеските државни медиуми информирале дека од памучното семе никнала пупка, додека медиумот кој ги пренесува ставовите на владејачката Комунистичка партија на Твитер објави фотографија од развиеното семе додавајќи дека со тоа се одбележува „комплетирање на првиот биолошки експеримент на човештвото на Месечината“.

Чанг 4 е првата мисија која се спуштила и ја истражува темната страна на Месечината. Слета на 3-ти јануари со инструменти за анализа на геологијата на регионот.

Можноста да се одгледуваат растенија на Месечината е важно за долгорочните вселенски мисии, како патување до Марс за кое би било потребно околу две и пол години. Тоа значи дека астронаутите потенцијално би можеле да одгледуваат храна во вселената, намалувајќи ја потребата да се враќаат на Земјата за да ги обновуваат залихите.