Нешто е гнило во УКИМ – забележани сигнали на сексуално насилство, но владее правило на молк

„Апсурдно е, апсурдно е да се чувствувам виновно затоа што професорот не ме пушта да положам испит затоа што сум му била убава и сакал да ме гледа почесто. Или… Да ме пипка за бутина. Или… Непријатно е малку. Малку? Уствари јас сум толку несигурна во себе што сè ова ми е прљаво. Пак го паѓам истиот испит. За да се вратам, за да му биде нему убаво и да ужива. Знам дека и други колешки поминуваат низ истото. А мислите ако кажат некому ќе му биде гајле“, гласи едно од шесте сведоштва за сексуално насилство на универзитетски кампуси кои ги сними режисерката Драгана Гунин, а беа објавени минатото лето.

Таа вели дека случаите биле пријавени во полицијата и за дел од нив била отпочната и правна постапка.

„Мислам дека сите ги паметиме случаите од пред скоро година дена. Приказните се тие. И тешки и сурови и дел од нив (пре)чести“, сподели Гунин.

Реактуелизацијата на случајот „Јавна соба“ која се случи неколку месеци по објавата на сведоштвата снимени од  Гунин, поттикна јавна дебата, меѓудругото и за сексуалното насилство на универзитетите.

„Покрај поддршката едни со други, сметам дека институциите/факултетите треба будно да пратат сè, прво да им дадат дадат безбеден простор за споделување на студентките и студентите, да ги заштитат, да реагираат и да не дозволат веќе ниту еднаш да се повтори било какво искуство од ваков тип“, вели Гунин.

Во меѓувреме, Правниот факултет отвори јавен повик за бесплатна правна помош на жртвите на сексуално насилство и вознемирување во случајот “Јавна соба”, забележува режисерката.

Повик за анонимно пријавување на сексуалното насилство на универзитетските кампуси беше објавен и од Универзитетското студентско собрание и студентската правобранителка, Теа Мицевска.

Таа вели дека од моментот на објавување на повикот поголемиот дел од пристигнатите пријави биле од другар/другарка на студентот/студентката која се двоуми да пријави случај на сексуално вознемирување.

„Тие пријави може да се третираат само како импулс дека во одредена мера постои некој облик на сексуално вознемирување. Но, како такви не се доволни за постапување, затоа е и објавен повикот. Основната цел е да се мотивираат студентите да пријават било каков облик на сексуално насилство кој може да се случи во рамките на Универзитетот“, вели студентската правобранителка.

Според неа, во најголем дел пријавите се однесуваат на прекршоци од Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус студии и втор циклус студии на УКИМ и се јавуваат во облик на кратење на рокот на испитната сесија, неодржување на консултации, недавање можност за увид во испитната документација, но и ненавремено објавување на распоредот на испитите.

Објаснувајќи ја постапката за пријавување на сексуалното насилство на кампусите, студентската правобранителка вели дека постапката се започнува така што студентот/студентката го пријавува случајот до студентскиот правобранител во форма на барање кое може да биде доставено во електронска форма преку мејл, а исто така може да биде договорена и средба доколку на тој начин односниот студент се чувствува поудобно да ја објасни ситуацијата.

„Во оваа постапка најбитниот, но и најтешкиот дел е процесот на докажување. Од особено значење е да бидат приложени соодветни докази врз основа на кои ќе може да се констатира дека станува збор за случај на сексуално вознемирување. Натамошната постапка зависи од извршениот увид па така, доколку се утврди дека барањето е основано, се носи одлука за започнување на постапката и извештај во којшто се образложува констатираната состојба, како и препорака со која се воспоставува контакт со односниот факултет. Доколку се утврди дека не постои повреда, се носи одлука за неповедување на постапка која исто така треба да биде образложена. Секако, може да постои ситуација и кога студентот ќе се упати до соодветниот орган до кој треба да се обрати“, објаснува таа.

Најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ сè уште нема создадено онлајн катче за анонимно пријавување на сексуално насилство на факултетите во склоп на Универзитетот.

„Се разгледуваат различни опции преку кои студентите на непосреден начин ќе можат да исконтактираат со универзитетските тела, па во таа насока може да се разгледа и опцијата за онлајн катче кадешто ќе се пријавуваат проблемите. Како механизам се јавуваат и Правната клиника по казнено право и Правна клиника за ранливи групи на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје кои можат да обезбедат бесплатна правна помош, информација и совет на сите жртви на сексуално насилство и вознемирување“, вели студентската правобранителка.

Румена Бужаровска, долгогодишна универзитетска професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, вели дека во рамките на универзитетската институција, сексуалното насилство воопшто не се спомнува или проблематизира.

„Сведоци сме на тоа дека кога во движењето #СегаКажувам поранешни и сегашни студентки на високите образовни институции излегоа со свои сведоштва за тоа како биле сексуално вознемирувани или оценувани од страна на професори, но ниедна високо образовна институција, вклучително и УКИМ, најголемата, не излезе ниту со поддршка за движењето, ниту со осуда за она што се случувало, ниту пак со повик или стратегија за решавање на проблемот. Сметам дека во ваквите институции постои едно непишано правило на премолчување или штетна колегијалност, што всушност се солидаризира со насилниците, а не со жртвите“, вели таа.

Исто така, според неа, универзитетската институција нема воспоставено отворен дијалог за тематиката за сексуално насилство ниту со студентите, ниту со професорите.

„Апсолутно не. Ниту во времето кога јас студирав, ниту пак во времињата што следеа“, вели професорката Бужаровска.

Според неа, прашањето за сексуалното насилство е сè уште големо општествено табу и таа смета дека и студентите не се доволно запознаени со тоа како се манифестира ова насилство или вознемирување. 

„Нашата средина сè уште се бори да ја прифати реалноста, а тоа е дека речиси сите жени се или биле жртви на сексуално насилство или вознемирување, дали на работа, дали на училиште или факултет, дали дома, дали на улица. Агресијата и цензурата со која се соочуваме кога ќе се обидеме да ги извадиме на површина овие прашања укажува точно на тоа колку нашето општество е шовинистичко и назадно по ова прашање. За зголемување на видливоста, потребно е да сме солидарно вплотени, да не престанеме да зборуваме за оваа тема, и да вршиме постојан притисок врз институциите да преземат мерки, до тогаш кога притисокот веќе нема да биде потребен“, истакнува професорката.

Зборувајќи за тоа во какви форми може да се појави сексуалното насилство и вознемирување во образованието, професорката нагласува дека тоа може да се проткае во сите активности – од коментари за нечив изглед со сексуална конотација, до допири, до поканување на испит доцна сами во канцеларија, до лична комуникација преку пораки која е од сугестивна природа, до сексуална уцена за добивање на преодна оценка.

Ректорот  на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, за Радио МОФ вели дека секогаш се засегнати од настанитe кои би можеле да го нарушат угледот на Универзитетот, но далеку повеќе се загрижени за доброто на своите студенти.

Тој истакнува дека Универзитетот има и Етички кодекс, кој сега се обновува, а е утврден од Ректорската управа како нацрт и упатен на јавна расправа на единиците.

„Во кодексот е забрането секаков вид на вознемирување, меѓу кои и сексуално, како форма на насилство со упатување вербални и физички предлози од сексуална природа кон друго лице, несакано изнесување на шеги и забелешки со сексуална конотација, вклучувајќи и упатување на полот и сексуалната ориентација. За прекршување на етичките норми се произнесува етичка комисија формирана од Сенатот на Универзитетот“, истакнува Јанкуловски.

Според ректорот,  Универзитетот ги штити интересите на своите студенти, се залага да ги разреши сите нивни тешкотии во текот на студирањето и сè што се случува поврзано со нив е објавено јавно и транспарентно.

„Како секогаш, така и сега, не смееме и не можеме да се оградиме од лошите настани, бидејќи сепак сме академска установа која има за цел да образува и да создава цврсти личности кои ќе знаат да се соочат со секакви предизвици. Правата и интересите на нашите студенти се заштитени и од многу други аспекти, па може да го напоменеме и веќе донесениот акт за заштита од корупција со кој е назначено овластено лице за прием на пријави за корупција на Универзитетот и единиците во неговиот состав“, вели ректорот Јанкуловски.

Тој додава дека Универзитетот, ги презема сите активности кои се во негова надлежност, меѓутоа воден е од презумпцијата на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното. Затоа ги охрабрува студентите да пријават секаков вид насилство до нив и државни органи, во чија надлежност е спроведувањето на овие постапки.

Во своето интервју на Радио МОФ, Николина Кениг, редовна универзитетска професорка по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека се грижи дали на универзитот е создадена атмосфера која го поддржува пријавувањето, а оттаму и колку е ефикасно справувањето со сексуалното насилство во такви околности.

„Не само што постои огромен јаз меѓу бројот на неискажани и искажани искуства со сексуално малтретирање, туку многу е веројатно дека е уште поголема диспропорцијата меѓу пријавени и санкционирани случаи. Ако како општество не сме подготвени да дадеме широка поддршка на едукацијата која ќе ги третира овие прашања и ќе ги научи младите што значи и како се дава согласноста, ако на секој чекор го рационализираме трпењето на каква и да е злоупотреба, особено доколку доаѓа од лица кои имаат моќ или позиција на авторитет, ако не сме спремни да ги преиспитаме митовите кои го нормализираат сексуалното насилство, како би било воопшто можно да го спречиме“, вели таа.

Се сеќавате на сведоштвата од Сега кажувам“, запрашува професорката Кениг, алудирајќи дека наспроти генералната претстава за училиштата како места кои би требало да бидат безбедни за учениците, јавноста увиде дека голем дел од приказните за сексуална злоупотреба се одвивале токму во школски контекст.

Зборувајќи за тоа зошто е тешко и за самите жртви да пријават, професорката Кениг нагласува дека сексуалното насилство е трауматско искуство кое предизвикува нарушувања на психичката и физичката добросостојба.

„Во зависност од тоа за каков вид се работи и кој е целокупниот контекст, последиците можат да бидат и трајни. Жртвите имаат чувство на крајна немоќ и страв, често поминуваат низ емоционален пекол. За да соопшти такво искуство во средина која априори е скептична, склона кон префрлање на одговорноста и кон релативизирање на намерите на насилникот, на жртвата ѝ треба и храброст, ама и сила да ги издржи последиците кои може да варираат од обвинувања за тоа „во каква положба се довела самата“, до засрамување, застрашување, дополнително насилство и вознемирување, губење на углед, статус или дури и на изворите на егзистенција“, објаснува професорката Кениг.

Весна Дишлијовска од Здружението на млади правници, за Радио МОФ објаснува дека според актуелните закони на Република Северна Македонија, сексуалното насилство и вознемирување се казниви со Кривичниот законик, Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи.

„Во кривичниот законик постојат кривични дела кои влегуваат во главата на кривични дела против половата слобода и половиот морал. Кривичното дело силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата, задоволување полови страсти пред друг, посредување во вршење проституција, подведување и овозможување полови дејствија, производство и дистрибуција на детска простуција, прикажување порнографски материјал на дете, како и родосквернавењето“, објаснува таа.

Дишлијовска продолжува дека според Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, половото насилство е предвидено како една форма на родово-базирано насилство.

„Законот за работни односи се фокусира на заштита од вознемирување и полово вознемирување , Во овој закон, сексуалното вознемирување се дефинира како „секој вербален или невербален или физички акт кој е од сексуален карактер и има цел или претставува нарушување на човековото достоинство на работникот и предизвикува непријатни чувства, како чувство на страв или понижување“, вели таа.

Што се однесува до сексуалното вознемирување, претставничката на младите правници објаснува дека истото е регулирано во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Секое лице кое смета дека врз него е извршена дискриминација може да поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација.

Сепак, С. Македонија сè уште нема воведено правни механизми за одредени форми на сексуалното насилство. Весна дополнува дека имајќи предвид за недостатоците и потребата од дополнување и измена на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, во јануари 2021 година, донесен е нов закон – Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Под сексуално вознемирување преку интернет се подразбира е секое вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација. Овој закон ќе започне да се применува за три месеци од денот на неговото стапување на сила.

Дишлијовска вели дека доколку лице од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сака да пријави сексуалното насилство и вознемирување прв чекор кој треба да го направи е пријавување кај студентската правобранителка. Оттаму дополнуваат дека со самата пријава кај студентскиот правобранител анонимоста е гарантирана и постапувајќи по пријавата ќе се разгледаат соодветните механизми кои можат да се искористат со цел да се овозможи заштита на жртвата во секој случај посебно.

Од друга страна пак, доколку лицето при пријавување се соочи со закани и клевети, Дишлијовска насочува дека во тој случај, лицето треба да го пријави настанот во најблиската полициска станица бидејќи со упатените закани би можела да се загрозува сигурноста на пријавителот. Истовремено, оттаму дополнуваат дека лицето кое ги упатува заканите го врши кривичното дело Загрозување на сигурноста.

Ивана Смилевска