Необработен медицински отпад завршувал на Дрисла како обичен отпад

Наместо термичка обработка и стерилизација, медицинскиот отпад несоодветно се обработувал, а потоа завршувал на депонијата „Дрисла“ како обичен отпад. На прес-конференција, од Град Скопје покажуваа видеа и фотографии на кои се гледа како кучиња скитници јадат остатоци од медицински отпад, но и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изјави пред 50-ина дена дошле до сериозен доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето на отпадот. Тврди дека навремено биле известени надлежните институции.

„Повеќе од 50-ина дена, Град Скопје чека  какво било преземање  дејствија од Јавното обвинителство, но досега немаме информација дали воопшто официјално е започната истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција“, посочи Шилегов.

Преку медиумите, од Јавното обвинителство тој побара веднаш да започне истрага за овој скандал, а од Министерството за животна средина во целост да го испита работењето на сите субјекти под нивна надлежност, особено, како што вели, оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад.

Случајот го открил главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски по многубројните дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случувало нешто сомнително, се ширел непријатен мирис и дека отпадот не се третирал соодветно.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните“, објасни Богдановски.

Медицинскиот отпад, вели тој, се обработувал во машина за сечење која го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Така непреработениот медицински отпад, додава, бил префрлан во камион кој не бил соодветен за транспорт на инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад.

Од 20 јануари, депонијата „Дрисла“ повторно стана јавно претпријатие на градот. Веќе наредниот ден беше разрешен дотогашниот директор Горан Ангелов. Со одлуката, после девет години депонијата повторно е во сопственост на градот, откако претходно беше дадена под концесија на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Од Град Скопје информираа дека на новиот б.д. директор Коста Начевски му било наложено да не прима медицински отпад на Дрисла, ако тој не е содветно обработен.

М.К.