„Нема жени – нема развој“: Регресивните закони спречуваат економска еднаквост вели Светска Банка

Законските бариери кои прават пречки во вработувањето на жените, или ги ограничуваат нивните можности за сопствен бизнис, имаат негативно влијание на глобалниот раст и економската еднаквост, открива студија на Светска Банка.

Студијата која анализира 189 економии, посочува дека жените продолжуваат да се соочуваат со распространети бариери кои ги оддалечуваат од работа и ги ограничуваат во сопствен бизнис преку недостапност до кредит или контрола врз брачниот имот.

Секоја економија е оценувана со поени од 0 до 100 низ седум различни категории.

Во извештајот, Македонија има совршен скор во четири од седумте категории кои ги разгледува студијата и тоа во: „пристапот до институции“, „користењето имот“, „пристапот до судството“ и „пристапот до кредити“.

Земјава има недостатоци во делот „заштита на жените од насилство“, каде студијата утврдува дека не постојат кривични дела за сексуално малтретирање на работно место, а послаб скор од максималниот е регистриран и во деловите „вработување“ и „обезбедување поттик за работа“, поради непостоење на родителско отсуство, неможноста за флексибилна работа на родителите и различна возраст за пензионирање помеѓу мажите и жените. (Страница 108 од студијата)

Иако ниту една економија нема перфектен скор, Британија, Нов Зеланд и Шпанија се меѓу најуспешните држави во економската рамноправност на жените и мажите.

Недостаток на закони кои нудат заштита од семејно насилство и од сексуално малтретирање на работното место ги става жените во нерамноправна улога на светско ниво се наведува во студијата објавена вчера.

Додека #MeToo движењето добива сила низ посиромашните држави, владите треба да преземат законски реформи, кои веќе се преземаат во некои региони, велат експертите во студијата.

„За жал, законите се права линија за мажите и лавиринт за голем број жени низ светот. И тоа мора да се менува. Не постои причина за да се држат жените настрана од одредени работи или да им се забранува да имаат свој бизнис. Нашата порака е многу едноставна: нема жени, нема раст“, вели Сара Икбал, менаџерката на програмата на проектот „жени, бизнис и право“ на Светската Банка.

Во дури 104 држави низ светот на жените им е забрането да работат ноќни смени или на работни места како мануфактура, градежништво, енергетика или земјоделство, што негативно влијае на изборот на повеќе од 2,7 милијарди жени, се наведува во извештајот кој се објавува на секои две години.

Меѓу некои од земјите со најрегресивни закони кон жените спаѓа Екваторијална Гвинеја, каде жените сè уште мора да обезбедат потпис од сопругот, или дозвола од машки роднина за да добијат договор за вработување, да земат заем или да купат куќа.

Веројатноста жените да имаат сопствен бизнис е поголема во земјите каде имаат законска заштита од злоупотреба и насилство, сепак во 45 од 189-те светски економии кои биле анализирани закони за семејно насилство не постојат, додека во 59 држави нема закон за сексуално малтретирање на работното место.

„Студијата пресметува податоци до 1 јуни 2017 година, како што расте движењето #MeToo во земјите во развој можеме да видиме и прогрес во заштитата од сексуалното малтретирање. Обезбедувањето еднаква можност за жените е морален и економски императив и укинување на дискриминациските закони е важен прв чекор“, вели Шанта Деварџан, директорката на Светска Банка за економиите во развој.

Вкупно 21 држава, повеќето од нив од Субсахарска Африка, Блискиот Исток и Северна Африка добиле скор нула во категоријата „заштита на жените од насилство“.