Нема слобода на говор без ефективни истраги за нападите врз новинарите

„Нема да ја подобриме слободата на говорот во Македонија ако институциите немаат волја и капацитет ефективно да ги истражат сите напади на новинари. И не само тоа, оние што се осудуваат да напаѓаат новинарите мора да бидат изведени брзо пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна. Со тоа системот ќе прати јасна порака до сите дека насилството врз новинари е неприфатливо и нема да се толерира во иднина“, изјави денес Насер Селмани од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Ова Селмани го истакна на настанот каде ЗНМ и делегацијата на ОБСЕ во Скопје потпишаа Меморандум за соработка, со кој се предвидени организирање на обуки и настани. Целта да се подобри безбедноста на новинарите и да се подобри квалитетот на известувањето на новинарите.

Меморандумот предвидува организирање шест обуки за новинари и припадници на полицијата, кои ќе бидат посветени на покривање на настани од висок ризик. Во рамките на овие активности ќе се објави и прирачник за безбедноста на новинарите, а со заеднички настан ќе се одбележи и 2-ри Ноември, Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на насилството против новинари.

Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен рече дека потпишувањето на меморандумот има симболично значење, бидејќи со тоа официјално се продолжува соработката во сферата на слободата на медиумите по пауза од околу една декада.

„Се надевам дека нашата соработка, која официјално отпочна денеска ќе води кон безбедна средина за новинарите. Како што прочитав на еден од ѕидовите на вашето здружение, слободата на говорот дефинитивно е водилка во една демократија“, рече амбасадорката Суомалаинен.

Според Селмани од ЗНМ,  треба да се искористи подготвеноста на МВР и на Јавното обвинителство да се разговара за зголемување на ефикасноста на истрагите за сите напади на новинари и да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на таквото насилството.

Исто така, тој рече дека слободата на говорот е голема цивилизациска придобивка, но таа во исто време е и одговорност. Според него, дел од обуките ќе се посветат и на запознавање на новинарите со праксата на Европскиот суд за човекови права.

„Убедени сме дека ваквите обуки ќе го подобрат известувањето на новинарите затоа што тие точно ќе знаат каде завршува слобода и започнува нивната одговорност. Со тоа ќе спречуваме и евентуална самоцензура во медиумите“, додаде Селмани.

Амбасадорката Суомалаинен и претседателот на ЗНМ Селмани заеднички ги осудија вербалните закани на обвинителот Бахри Шабани врз новинарот на Алсат-М, Ардиан Керими.