Нема квалификациони тестови, учениците ќе се распределат во постоечките паралелки

Учениците во гимназијата „Орце Николов“ и СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, како и во СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица утре нема да полагаат квалификациони тестови. Ова е договорот кој беше постигнат на денешната средба во Министерството за образование и наука помеѓу надлежните и група родители. Учениците ќе бидат распределени во веќе постоечки паралелки.

Претходно, родители на ученици кои сакаа да се запишат во гимназијата „Орце Николов“ беа собрани на протест пред Влада противејќи се на вонредното тестирање. Потоа, собирот се пресели пред МОН каде претставници на родителите учествуваа на вонредната средба.

„Имавме еден конструктивен разговор со родителите, по што се упативме во Министерството за образование. Министерот не повика на разговор, му ја објаснивме целата ситуација во која што се наоѓаме и дојде до следново решение. Сите 311 ученици ќе бидат примени, односно сите што се со 5.00 просек. Тоа значи дека 306 ученици ќе рапределени во девет паралелки по 34 и пет ученици по барање да ни дозволи да пополниме уште во 5 паралелки. Околу 26 ученици беше спорната бројка, меѓутоа еве се реши. Тестови дефенитивно нема да има. Квалификационите тест за билингуалните паралелки ќе го полагаат во понеделник“, изјави Митко Димовски директор на гимназијата „Орце Николов“.

Проблемот настана кога во гимназијата и двете медицински училишта се пријавиле повеќе ученици од слободните места. Во „Орце Николов“ се пријавели дури 400 ученици, иако слободни места има за 285. Од пријавените, 330 завршиле со просек 5.0.

„Не баравме ништо надвор од законските рамки и мислам дека тоа беше единствена причина што институциите на системот односно, МОН излезе во пресрет на нашите барања. Се со цел овие деца да не бидат дискриминирани. Имавме пратено писма до Меѓаши, Хелсиншки комитет, Народниот правобранител и не знам дали стигна до градоначалникот на Град Скопје, но без оглед на се, разговорите се водеа со директорот на гимназијата, канцеларијата на премиерот и со министерот за образование“, рече Зоран Филиповски, претставник на групата родители.

Предлогот на МОН и Бирото за развој на образование беше учениците утре да полагаат квалификациони тестови по математика и македонски јазик за да се направи селекцијата, што наиде на реакција меѓу учениците и родителите. Тие бараа дополнителна паралелка, но барањето беше отфрлено.

Со реакција излезе и Младинскиот образовен форум од каде изразија загриженост од ваквото тестирање. Според нив, ги става учениците во непријатна ситуација со тоа што им остава краток период за подготовка за полагање на два предмети за кои повеќе немаат учебници.

Мартин Колоски