„Нега плус“ испраќа пораки за перспективите на ранливите категории и на социјалното претприемништво  

Преку ИПА проект поддржан од ЕУ во рамки на оперативната програма за развој на човечки ресурси, десет Рoмки поминаа обука и се вработија во социјално претпријатие за професионална грижа на стари лица во домашни услуги, со што се стекнаа со економска независност.

Тие станаа сертифицирани професионални негувателки преку „Нега плус“, проект кој испраќа порака за перспективата на ранливите категории граѓани кои тешко доаѓаат до егзистенција. Една од ангажираните е Ѓулизаре Зекировска, која смета дека не се семоќни таму каде што работат, но во голема мера можат да придонесат некој да го живее достоинствено животот.

„Прекрасно е чувството да можете да му помогнете некоку, а покрај тоа да добиете и финансиска поддршка и да придонесете за домашниот буџет“, вели Зекировска.

Програмскиот раководител на ХЕРА, Драгана Каревска Чемерска, потенцира дека препознавањето на долгорочната невработеност како клучен фактор за сиромаштија, како и малото учество на ромското население на пазарот на трудот било клучен мотив во осмослување и реализација на активностите. Нивни партнери во проектот биле Општина Центар и Групацијата СОС од Франција, со кои отвориле можност за зајакнување на позицијата во општеството токму на Ромките.

„Свесни за потенцијалот што го носи социјалното претприемништво како иновативен модел за промоција на социјалната инклузија, ресоцијализацијата и вработување на ранлиците групи граѓани, заедно со партнерските организации, осмисливме алтернативни безбедни форми за остварување приходи“, вели Каревска-Чемерски.

Предлог програмата треба да биде мотив и за останатите општини да го следат примерот и да преземат активности со кои ќе ги финансираат социјалните претпријатија што вработуваат ранливи категории граѓани. Исто така, предложено е формирање формални мрежи на постоечки социјални претпријатија, како би се усогласиле критериумите и би заживеало социјалното претприемништво.