Научниците најдоа микропластика во месото, млекото и крвта на домашни животни

Загадување со микропластика за првпат е пронајдено во месото и крвта од свињите и кравите кои се одгледуваат на фармите.

Научниците од Слободниот универзитет во Амстердам, Холандија, пронашле честички микропластика во три четвртини од месните и млечните производи кои биле тестирани и во секој примерок на крвта во нивната пилот-студија. Честички детектирале и во секој примерок на сточна храна која ја тестирале, што сугерира дека тоа е веројатно најзначајниот извор на контаминација на животните.

Научниците од овој Универзитет за првпат открија микропластика во човековата крв во март и со помош на истите методи ги тестирале и животинските производи. Откритието на честичките во крвта покажува дека тие можат да патуваат низ телото и да се таложат во органите.

„Со тоа што микропластиката е веќе присутна во сточната храна, не е изненадувачки дека мнозинството од месните и млечните производи кои биле тестирани содржат микропластика. Потребно ни е итно да реагираме и да го спасиме светот од пластиката во сточната храна со цел да го заштитиме здравјето и на добитокот и на луѓето“, вели Мариа Вестербос, преставничка од Фондацијата „Пластик Суп“, кои го нарачаа ова истражување.

Влијанието кое овие честички го имаат на луѓето и на домашните животни се` уште не е познато, но научниците се загрижени бидејќи во лабораториски услови веќе докажаа дека микропластиката прави штети на човечките клетки.

Огромни количини пластичен отпад постојано се исфрла во природата и микропластиката ја има загадено целата планета – од врвот Монт Еверест до најдлабоките океани. Веќе е познато дека луѓето ги внесуваат овие ситни честички преку храната и водата, како и преку вдишување.

Во оваа пилот студија научниците тестирале по 12 примероци на крв од крави и свињи и нашле микропластика во секој од нив, меѓу другото и полиетилен и полистирен. 25-те примероци на млеко кои ги испитувале, вклучувале и млеко од амбалажи кои можат да се најдат во супермаркети, млеко од буриња на фармите и млеко добиено директно од молзење. 18 од примероците, меѓу кои по најмалку еден од секој посебен вид млеко, содржеле микропластика.