Вирусите преживуваат во вода бидејќи се прилепуваат за микропластиката, покажа истражување

Стомачни вируси како „ротавирусот“ биле заразни и по три дена во вода бидејќи се прилепиле за микропластика, пренесува „Гардијан“.

Според најново истражување од Универзитетот Стирлинг, стомачните вируси може да преживеат во вода бидејќи се прилепуваат на микропластика, односно мали пластични честички, не поголеми од пет милиметри.

„Пронајдовме дека вирусите може да се прилепат за микропластика што им дозволува да преживеат во водена средина и до три дена“, изјави професорот Ричард Квилијам.

Ова е прво истражување за тоа како вирусите се однесуваат во животната средина.

Откритијата се во рамки на проект од страна на Советот за истражување на природната средина, а покажуваат како пластиката ги пренесува вирусите и бактериите. Според сознанијата, микропластиката го помага движењето на патогените во природата.

Истражувањето е објавено во научното списание „Environmental Pollution“.

„Тоа што вирусите се заразни и до три дена во животната средина, значи дека тие од канализација може да завршат на плажите. Дури и прочистувачите само ја чистат отпадната вода, но не се моќни против микропластиката. Отпадната вода содржи микропластика и таа вода завршува на плажите“, нагласил Квилијам.