Микропластиката за првпат пронајдена и во човечкиот крвоток

Загадувањето од микропластика е регистрирано во човечкиот крвоток за првпат, а научниците откриле ситни честички од пластика во скоро 80 отсто од испитаниците, пренесува „Гардијан“.

Откритието покажува дека честичките можат да патуваат низ телото, а можно е и да се прилепуваат за органите. Влијанието врз здравјето сè уште не е истражено.

Но, научниците се загрижени бидејќи честичките можат да ги уништат човековите клетки, имајќи предвид дека честиците од аерозагадувањето предизвикуваат милиони смртни случаи на годишно ниво.

Големи количини на пластичен отпад завршуваат во животната средина, па денес, микропластиката ја контаминира целата планета, од врвовите на Монт Еверест, до најдлабоките точки на океаните.

Познат факт е и дека луѓето внесуваат микропластика преку храната и водата, како и преку воздухот. Микропластиката засега е најдена и во изметот на бебињата и возрасните.

Во рамки на истражувањето, научниците анализирале примероци од крв од 22 анонимни донатори, а сите биле здрави возрасни лица. Научниците пронашле пластични честички во 17 испитаници.

Половина од примероците содржеле ПЕТ пластика, која се користи за изработка на пластични шишиња. Третина од примероците содржеле полисторен, пластика која се користи за пакување на храната и други продукти. Четвртина од примероците содржеле полиетилен, кој се користи за изработка на пластични кеси.

„Нашето истражување е првата индикација дека луѓето носат честички од полимери во крвта. Но, истражувањето мора да се прошири. Логично е да бидеме загрижени. Честиците се во телото и се движат низ него“, изјавил професорот Дик Ветак од Универзитетот „Врије“ во Амстердам, додавајќи дека претходни истражувања покажале дека големината на микропластиката најдена во бебешкиот измет била 10 пати поголема за разлика од онаа најдена во изметот на возрасните, па бебињата и децата се изложени на поголем здравствен ризик од возрасните лица.

Според истражувањето кое е објавено во научното списание „Енвајормент Интернешнл“, некои од примероците содржеле неколку вида на пластика.

Истражувањето е финансиски поддржано од холандската Национална организација за здравствено истражување, која работи на намалување на пластичниот отпад.