Научници направија мал уред што бесплатно ја претвора морската вода во вода за пиење

Научниците од престижниот американски универзитет Технолошки институт во Масачусетс (МИТ) конструираа мал уред со големина на актовка, тежок околу 10 килограми, кој морската и соленкавата вода ги претвора во вода за пиење со едноставно притискање копче.

Според авторите, на уредот му треба помалку енергија за работа отколку таа што е потребна за полнење мобилен телефон, а може да се напојува од батерии или мали, преносливи соларни панели, кои може да се купат онлајн за околу 50 американски долари.

Уредот произведува вода за пиење што ги надминува стандардите за квалитет пропишани од Светската здравствена организација (СЗО), според кои водата за пиење мора да содржи помалку од 0,5 г сол на литар. Концентрациите на сол во соленкавата и морската вода се движат од 2,5 г до 45 г на литар.

Уредот ги отстранува и другите цврсти материи во водата како што се честичките од тиња, бактерии, вируси и метали од околу 30 НТУ (единица за заматеност на водата) на помалку од 1 НТУ. На овој начин се добива кристално почиста вода дури и од морската вода, која е заматена од брановите.

Технологијата е спакувана во уред со димензии 42 см × 33,5 см × 19 см, кој е лесен за употреба и се покренува со притискање едно копче.

За разлика од другите преносни единици за десалинизација за кои е потребна вода под висок притисок за да помине низ филтрите, овој уред користи електрична енергија за да ги отстрани честичките од водата, што значи дека не бара замена на филтерот и тековно одржување.

Овие предности треба да му овозможат да се користи во оддалечени области со ограничени водни ресурси, како што се заедниците на мали острови или бродовите. Може да се користи и за помош на бегалците што бегаат од природни катастрофи или војниците што спроведуваат долгорочни воени операции.

Според податоците на СЗО, околу 785 милиони луѓе во светот имаат проблеми со пристапот до вода за пиење, а со климатските промени проблемот веројатно ќе стане поголем.

Тимот, исто така, развил апликација за паметни телефони што може безжично да го контролира уредот и да прикажува податоци во реално време за потрошувачката на енергија и соленоста на водата.