Натпревар на латински и старогрчки јазик на 21 мај на Филозофски факултет

Во организација на здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет, на 21 мај од 10 часот во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје ќе се оддржи 49-иот Државен натпревар по латински и старогрчки јазик за учениците од гимназиите и средните училишта.

Од „Антика“ соопштуваат дека на натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од целата држава. Оваа година се натпреваруваат во две категории за латински јазик, според степенот на изучување на јазикот и според струката: латински почетно ниво за гимназија и латински за здравствената струка. Исто така, ќе се одржи и натпревар на кој  учество ќе земат учениците кои го изучуваат старогрчкиот јазик.

„Натпреварите финансиски ги поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Филозофскиот факултет“, соопштува претседателката на Здружението, д-р Марија Чичева Алексиќ.

Во посочениот термин „Антика“ вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Чичева Алексиќ посочува дека се професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство и популаризација на класичната филологија.

„Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.  Од 2014, пак, ‘Антика’ е член на The International Federation of Associations of Classical Studies (FIEC), меѓународна асоцијација на здруженија на класични филолози“, се вели во соопштението.

Здружението го издава електронското списание Systasis (www.systasis.org), а повеќе информации може да се најдат на неговиот веб сајт: https://zkfmantika.wixsite.com/zkfmantika.