Објавени победниците на меѓународниот натпревар за историски стрипови „CAN for BALKANS“

Oрганизација на „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“ ги објави победниците на меѓународнот натпревар на историски стрипови „CAN for BALKANS“, кој се се одржа во периодот од март до јули 2022 година.

Во финалето на натпреварот влегоа 27 автори од Белгија, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Украина и Кина.

Големата награда на првото издание на конкурсот ја освои Ражван Бронеску од Романија со делото „Аурел Петреску, пионерот на романската анимација“.

Првата награда му припадна на романскиот уметник Јонут Попеску со делото „Балкан засекогаш“. Подиумот го комплетираат уметници од Србија. Коста Миловановиќ ја освои втората награда со „И тројцата пријатели се…“, стрип инспириран од неговиот сопствен живот од почетокот на граѓанската војна (1991 година), која го фати во југословенската морнарица. Третата награда е доделена на стрипот „Ветерот“, дело на Марјан Миланов (сценарио) и Срдан Тодоровиќ (цртежи), со тема инспирирана од трагедиите на битките на српско-бугарската граница во зимата 1915 година.

Меѓународното жири додели и пет специјални признанија: Аљоша Томиќ и Драган Стокиќ Рајачки (Србија) за делото „Деда Рога“; Максимилиен Ван де Виле (Белгија) за делото „Тузла“; Славица Купенкова (Македонија) за делото „Одисеја“; Валентин Јонеску со делото „Другар Ракија“ и Влад Форсеа со делото „Балкански хумор против светот“ ја делат споменатата награда посветена на Романија.

„Сите избрани стрипови се создадени специјално за овој натпревар. Покрај уметничкиот квалитет и историската документација, други важни критериуми за оценување беа оригиналноста и начинот на кој се почитуваше темата, особено изборот на теми со пораки за помирување, мир и градење доверба, толеранција и почит“, велат од „CAN for BALKANS“.

Меѓународното жири го формираше проф. Адријан Чиоројану (Романија), историчар, дипломат, автор на стрип сценарија и универзитетски професор, проф. Ардијан Исуфи (Албанија), уметник, декан на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот за уметности Тирана (2016-2020), Етјен Шредер (Белгија), познат сценарист и стрип автор, Дражен Ковачевиќ, еден од најважните стрип уметници во Србија и Томе Трајков, промотор на стрипови од Македонија.

„И наградените дела и оние прифатени од жирито во финалето (вкупно 141 табли) за прв пат ќе бидат претставени на Меѓународниот историски стрип фестивал во Брашов, почнувајќи од 13 октомври 2022 година, како дел од завршната изложба на европскиот проект. Изложбата потоа ќе гостува оваа година во Тирана (ноември) и Брисел (декември) и следната година во Лесковац (февруари) и Велес (март)“, информира организаторот.

Проектот „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“ е еден од 13-те победнички проекти на повикот „Зајакнување на културната соработка со и конкурентноста на културните и креативните индустрии во Западен Балкан“ (EACEA 39/2019), во рамките на Програмата за финансирање Креативна Европа и ја спроведуваат Историскиот музеј на округот Брашов (водач на проектот), Националниот музеј на Албанија, Музејот на уметноста на стрипот Брисел – белгиски стрип центар, Стрип Центар на Македонија – Велес (Македонија), Училиште за стрип „Никола Митровиќ Кокан“ – Лесковац (Србија).

Проектот е финансиран од Европската комисија преку Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) во Брисел и има период на имплементација помеѓу март 2021 и март 2023 година.