Еден сребрен и еден бронзен медал за Македонија на Балканската олимпијада по информатика

Македонскиот тим средношколци – информатичари освоија два медали на Балканската олимпијада по информатика. Па така, сребрен медал освои ученикот Благојче Павлески од Прилеп, а бронзен медал освои Тео Китановски од Скопје, информираше денеска Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ).

Тимот на олимпијадата која се одржа од 3 до 8 октомври во Букурешт, Романија, беше составен од учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

„После една година пауза и една година во облик на онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржува како регуларен настан. Главен организатор на БОИ 2022 е Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics), заедно со Министерството за образование на Република Романија. На натпреварот официјално учествуваа вкупно 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија“, велат од ЗИМ.

Дополнително, од здружението велат дека на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир кој вклучил 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји, ученикот Благојче Павлески бил награден со златен медал, а ученикот Тео Китановски со бронзен медал.

Претседателот на ЗИМ Миле Јованов вели дека тоа што го постигнале е благодарение на личното залагање и труд на секој од учесниците, како и на неколкуте професори од здружението кои вели дека го вложуваат нивното слободно време и знаење за да можат да ги насочат учениците.

„Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Препознавањето на успехот и на личниот ангажман изгледа е полесно во странство, па веројатно затоа, после два мандата, повторно бев избран за Претседател на Балканската олимпијада по информатика за нов тригодишен мандат. Благодарен сум за поддршката од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на неколкуте општествено одговорните компании кои редовно не поддржуваат Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација. Оваа година за прв пат патувањето на македонските ученици до Романија беше под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој исто така преку последните заеднички активности го поддржа и промовираше успехот на информатичарите и ЗИМ“, вели Јованов.

Македонските натпревари се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи кои сакаат да се испробаат во оваа област, велат од ЗИМ.

Оттаму додаваат дека Балканската олимпијада во следните три години е предвидено да се одржи во Словенија, Италија и Албанија.

До крајот на годинава пред македонските информатичари останува уште еден предизвик – Европската олимпијада за девојки која ќе се одржи во Анталија, Турција, во втората половина на октомври, истакнаа од Здружението на информатичари на Македонија.