Андреј Шекеров најдобар средношколец на Државниот натпревар по програмирање

Андреј Шекеров e најдобар средношколец на XXXII Државен натпревар по информатика, кој се одржа изминатиот викенд во Скопје. Ученикот во четврта година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ со своите 295 освоени поени беше инспирација за натпреварувачите од пониските одделенија на кои им е и ментор во процесот на подготовка за натпреварите.

Меѓу помладите натпреварувачи што тој ги менторираше за натпреварот дури тројца освоија награда. Шекеров поседува и два бронзени медали од Интернационалната Олимпијада по информатика.

Здружението на информатичарите на Македонија, по триесет и втори пат организираше циклус на натпревари по информатика, во областа на програмирањето. Натпреварите ги опфаќаат сите ученици од основното и средното образование кои се стекнале со познавања од програмирање во програмскиот јазик C++.

Семос Едукација како поддржувач на натпреварите организирани од Здружението на информатичарите на Македонија и оваа година додели ваучери во износ од 6000 денари за првонаградените во секоја категорија, по  4000 денари за второ наградените во секоја категорија и еден ваучер од 4000 денари за учесник за добиена пофалба за постигнат резултат на натпреварот.

Оваа година, на Државниот натпревар по информатика учествуваа 90 ученици од 41 основни и средни училишта од целата земја.