НаТочак: Хаосот на автобуските постојки го отежнува движењето со точак

Почна школската година. Автобусите и улиците се преполни со повозрасни ученици и родители кои ги разнесуваат помалите. Претходно сме се фокусирале на проблемот со паркирање автомобили пред училиштата. Сега би сакале да се фокусираме на еден друг проблем кој стана лесно забележлив со почетокот на школската година. Хаосот на автобуските постојки!“, реагираат од иницијативата НаТочак.

Кога помал број луѓе се качуваат и симнуваат од автобусите и кога има помал број линии, велат вело-активистите, проблемот со движењето со точак низ автобуски постојки не е толку лесно видлив.

„Кога бројот на луѓето кои се качуваат и симнуваат од автобусите е поголем, бројот на линии е поголем, а исто така пораснал и бројот на луѓето кои користат точак, проблемот станува многу лесно видлив. А дополнителна гужва прават и меѓуградските приватни автобуси и комбиња кои ги користат автобуските постојки за оставање и земање на патници“, посочува иницијативата.

Според НаТочак, периодов е отежното движењето со точак особено по „Партизански одреди“.

„Со години бараме и овие автобуски постојки да се заобиколат со велосипедски патеки по примерот на бул. Јане Сандански, бул. Александар Македонски и сл., за да не минуваме низ луѓето кои чекаат автобус, да не ги преплашуваме оние кои се симнуваат од автобус или да не губиме време чекајќи 2-3 автобуси да се истоварат. Бевме одбивани прво со изговор дека било скапо!? Па, дека сето тоа ќе се уредело со проектот за БРТ… А, во меѓувреме минуваат години на нефункционалност и нервози на сите страни. Ние сакаме Скопје да добие брз автобуски превоз, но додека тоа не се случи треба да добиеме откочен и нормален велосипедски превоз со патеки по стандарди!“, велат од НаТочак.

Од таму прашуваат какво е тоа сообраќајно решение каде во иста точка се качуваат и симнуваат луѓе од автобус и минува велосипедски сообраќај?

„Цената да се заобиколат 15-ина постојки со заобиколни патеки на една од главните градски сообраќајници за велосипеди сигурно е нешто што може да го поднесе градскиот буџет“, се вели во реакција на вело-активистите.