Наташа Петровиќ доби награда за најдобра споредна улога на фестивал во Мостар

Македонската актерка Наташа Петровиќ ја освои наградата за најдобра споредна улога на Мостар филм фестивал, чие затворање се одржа синоќа.

Младата актерја ја освои наградата за филмот „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски, а во образложението на жирито е наведено:

„Петровиќ ја добива наградата за улогата на Катерина, поради поетичната и ненаметлива игра која на екранот резултираше со уверливост и искреност“.

Ова не е првпат Петровиќ да освои меѓународни награди. За главната улога во филмот „Како да ме нема“, освои награди за најдобра актерка на Ирските филмски и телевизиски награди, како и на Сиетл филм фестивал, во 2011 година. Истата година, таа беше и дел од програмата „Филмска ѕвезда“ на Берлинскиот филмски фестивал и единствен претставник досега на Македонија. Петровиќ е актерка во Театарот за деца и младинци.

„Лазар“ имаше премиера во 2015 година и има неколку меѓународни награди, меѓу кои и две награди на престижниот филмски фестивал во Пула, годинава.