Настап на легендарниот Стефан Боџин на Telekom Electronic Beats

Стефан Боџин, една од највлијателните фигури на глобалната техно сцена ќе настапи на 29 декември во СРЦ Кале на Telekom Electronic Beats.

Првата деценија на овој век донесе дузина негови извонредни продукции во препознатлив техно-електро-транс стил и секако карактеристична мелодичност, која ги топи и најскептичните срца на подиумот за танц. Од неговите први продукции во 2006, тој директно ужива висок углед на сцената, а во изминатава деценија ипол, тој израсна во артист кој бил хедлајнер буквално на секој вреден фестивал, или релевантна клубска вечер во светот.

Роден во Бремен 1969, син на експериментален музичар, тој се здобива со класично музичко образование и до својата 36-та година компонира за најпознатите европски театри. Ова искуство претставува пресудна музичка мирудија во неговата трансформација во електронски-денс артист. Самиот себеси тој се опишува како Melody Man, што јасно говори за централната поента во неговиот опус.

Досега има објавено 3 албуми и огромен број синглови/еп изданија. Континуирано соработува со врвни имиња на современата денс музика, како на пример со Marc Romboy; Oliver Hunteman (Bodzin & Hunteman, H-Man, Rekorder); бендот Elektrohemie со Thomas Schumacher со кој редовно соработува и на други проекти. Работел ремикси за луѓе како Depeche Mode, Booka Shade и The Knife. Издава за некои од најреномираните дискографски куќи од типот на: Get Physical, Datapunk, Gigolo, Systematic, Giant Wheel итн.