Настан за промовирање на новиот „памп-трак“ полигон во Скопје, ќе се гради втор во парк

Новиот „памп-трак“ полигон за велосипеди, скејтборди и слични средства за екстремни спортови денеска беше и официјално отворен. Стазата се наоѓа пред Олимпискиот базен „Центар“ во Скопје, близу автобуската постојка „Југодрво“ и е првата од овој карактер во градот.

На настанот ученици од средните училишта „Браќа Миладиновци“, „Арсениј Јовков“, , „ГУС Здравко Цветковски“ и „АУСЦ Боро Петрушевски“ дојдоа да се дружат и да ја испробаат стазата. Дел од нив дојдоа со свои велосипеди и скејтборди, другите возеа точаци кои беа донесени од Град Скопје.

Присутните ги поздрави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој информираше се работи на изградба на втора „памп-трак“ полигон на влезот на Градскиот парк во Скопје, кај Институтот за сточарство. На прашањето на Радио МОФ, за тоа кога ќе се пробие велосипедската патека на Кејот на Вардар, која со години е затворена во строгиот центар на Скопје поради градежни работи, Шилегов одговори:

„Овој процес малку заостана поради градењето на новиот мост над реката, но тој е веќе при крај па очекуваме напролет патеката повторно, без прекини, да се простира од Карпош до Аеродром.“

Во организирањето на настанот на Град Скопје им помогна Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, кој го спроведуваат Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) заедно со Младински oбразовен форум (МОФ). Сара Кајевиќ од МЦГО вели дека ваквите активности се одличен пример за интеракција на млади од различни етнички заедници и промовирање на велосипедизмот.

„Памп-трак“ полигонот неодамна беше отворен за јавноста. Од Градот велат дека веќе станува одлично место за дружење на младите од различни средини, но и промоција на алтернативните, еколошки начини за движење низ градот.

Г.Б.