НАСА до Трамп: На глобалното затоплување не му е гајле за изборите

Научник од НАСА му упати предупредување на Доналд Трамп дека греши ако мисли дека климатските промени не се случуваат, додавајќи дека владините научници „нема да поднесат никакво мешање во нивната работа“.

Трамп го опиша глобалното затоплување како „измама“ започната од Кина и се заколни дека ќе го дератификува Парискиот договор. Во својот транзициски тим ангажираше и политичар кој е познат по тоа што јавно го негира глобалното затоплување, на значајна позиција за политики поврзани со екологијата.

Научната заедница и активистите за чиста околина во САД веќе започнаа со активности да го убедат Трамп дека климатските промени се вистински, пред да биде официјално инаугуриран како претседател наредната година.

Д-р Гевин Шмит, директорот на Годард институтот за вселенски студии при НАСА, вели дека имаат сојузници од федералните научни агенции.

Нови податоци на НАСА покажуваат дека минатиот месец бил втор најтопол октомври во историјата, со што 2016 година веројатно ќе стане најтопла година досега.

„Нема изненадување овде, планетарното загревање не се грижи за изборите“, вели.

„Поентата е едноставна: климата се менува и може да се обидете да го негирате тоа, може да ангажирате луѓе кои не се грижат за тоа на високи позиции, но без оглед на сѐ, природата го има последниот глас“, предупредува Шмит.

Додава дека промените се нешто со што ќе треба да се справиме порано или подоцна, а подобро е порано. Тој и повеќето научници од НАСА, забележува, чекаат да го видат исходот од избирањето на Трамп за претседател, стравувајќи дека навистина може да ги исполни предизборните ветувања.

На прашање на Independent за тоа дали би дал отказ доколку администрацијата на Трамп ја применува најстрогата форма на негирање на климатските промени, вели дека не би го направил тоа сам од себе.

„Владината наука и проектите генерално продолжуваат без оглед на политичките погледи на луѓето на врвот“, вели Шмит. „Проблемот е во тоа што може од нас да се бара да манипулираме со резултатите, или да не зборуваме за нив. Тоа се многу посериозни проблеми“.