Народниот правобранител бара санкции по утврдено запоставување на деца во битолска институција

Од канцеларијата на Народниот правобранител известуваат за извршување на непосреден увид во мал групен дом – ЈУ Дом за доенчиња и мали деца Битола, откако дошле до сознанија дека вработена во институцијата ги запоставувала децата.

Имено, Народниот правобранител постапил на 7 јуни по сопствена иницијатива, откако имало сознанија дека вработената на работното место била во алкохолизирана состојба и едно од децата го заврзала за креветот.

„Во разговор со директорот и правникот, како и увид во целокупната документација изготвена по повод настанот, наводите се потврдени и констатирано е дека вработената била во алкохолизирана состојба и дека едно од децата било во вреќа за спиење, која била врзана за кревет, со што детето било оневозможено да се движи. Следствено, од страна на раководството на установата превземени се соодветни дејствија и отпочнати се постапки кон вработената“, велат од институцијата.

Оттаму додаваат дека со односот на вработената се повредени повеќе членови од ратификуваните меѓународни конвенции.

„Според член 3 од Конвенцијата за правата на детето, е наведено дека во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, а државите потписнички се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неопходни за неговата благосостојба, а исто така се грижат сите институции, служби и установи кои се грижат за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи“, се вели во соопштението.

Од Народниот правобранител укажуваат и на член 7 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, кој наложува при преземањето на сите акции во однос на децата со попреченост како примарна грижа да се зема предвид најдобриот интерес на детето.

Дополнително, оттаму упатуваат и начленот 15 од Конвенцијата, кој обврзува државите потписнички да преземат ефективни законски, административни, судски или други мерки за да се спречи лицата со попреченост да бидат изложени на тортура или суров, нечовечки или понижувачки третман или казна.

Од Народниот правобранител апелираат надлежното Министерство да преземе мерки за најстрого санкционирање на ваквиот однос на вработената и укажуваат дека особено треба да се зајакнат критериумите, но и да се води грижа за начинот на селекција на лицата кои се вработуваат во установи и други форми на згрижување на деца и деца со атипичен развој.

Оттаму нагласуваат дека потребно е редовно контролирање и мониторирање на квалитетот на услугата која ја даваат вработените во јавните установи и нивниот однос кон децата, а дополнуваат дека е потребно и превенирање на било какво несоодветно однесување кон децата кое може да остави негативни последици во нивниот понатамошен раст и развој.