Народниот правобранител бара кривична одговорност за полицајците кои сурово апселе на протестите на Шарената револуција

Народниот правобранител на Република Македонија до Основното јавно обвинителство Скопје поднел предлог за утврдување кривична одговорност против четворица полицајци и против други непознати службени лица од МВР. Одговорноста се бара поради мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко постапување од припадниците на МВР врз учесниците на Шарената револуција и репортери кои го покривале протестот на 13 април, во центарот на Скопје, пред народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов.

“Од страна на посочените припадници на МВР, неселективно, кон одредени демонстранти биле употребени средства за присилба: удирање со полициска палка и штитник и врзување на рацете со лисици“, стои во предлогот на Народниот правобранител до ОЈО Скопје, додавајќи дека по таквото однесување се констатирале повеќе повреди кај приведените учесници на протестите.

„Со наведеното однесување, телесно казнување и заплашување на оштетените лица во демонстрациите, пријавените службени лица сториле, секој за себе, казниви дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот“, смета Народниот правобранител.