Народната банка го објави конкурсот за годишната награда за млад истражувач

Народната банка на Република Северна Македонија го објави годишниот конкурс за доделување на наградата за млади истражувачи.

„Заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Северна Македонија доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи“, се вели во соопштението. 

Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

– апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
– осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
– опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
– анализа;
– заклучни согледувања и
– библиографија. 

Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.

Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2022 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од претседател на одборот и двајца членови од Народната банка. Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, без притоа да поседува информации за имињата на авторите и нивни биографии. .

Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд (прва награда) изнесува 100.000,00 денари, нето. Рокот за доставување на трудовите е до 1 февруари 2024 година. 

Повеќе информации се достапни на веб-страницата на Народната банка.