Народен правобранител: Секој заслужува хуман третман, а тортурата е злосторство против човештвото

Секој заслужува хуман третман, а тортурата не е ништо друго туку злосторство против човештвото. Ова налага сите луѓе, па и на оние кои од било која причина слободата на движење им е ограничена да бидат третирани без да им се погази достоинството. Посебно за нив треба да се води грижа сега во услови на пандемија со вирусот Ковид-19 .Ограничувањето на нивната слобода не смее да предизвика ограничување во нивната здравствена заштита, се вели во соопштението на Народниот правобранител по повод 26 јуни, Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура

Со прогласувањето на 26 јуни, се одбележува моментот кога во 1987 година стапи на сила Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и друг вид на сурово, нечовечко и понижувачко постапување или казнување.

Конвенцијата го истакнува апсолутниот карактер на забраната за тортура и ја наложува потребата од спроведување политики за нулта толеранција во случаите на нејзино постоење.

„На овој ден ја изразуваме солидарноста со жртвите на тортура и нивните семејства, а истовремено ги реафирмираме и барањата за обезбедување соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка на овие лица“, соопштува Омбудсманот.

Од канцеларијата на Народниот правобранител потенцираат дека работат континуирано и посветено во борбата против тортурата, а секоја година, веќе 9 години по ред, на овој ден го објавува и Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам.

„Извештајот содржи приказ на состојбите во местата на лишување и ограничување на слободата на движење и анализа на преземените активности за превенирање од тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување во овие места.
Констатираните состојби и упатените препораки до надлежните власти за надминување на утврдените недостатоци се резултат на вкупно 22 превентивни посети, што тимот на Националниот превентивен механизам ги спроведе во текот на 2019 година“, се вели во соопштението на Народниот правобранител.