НАкС: Поднесовме претставки против грубиот и безобразен упад во синдикалното организирање

Независниот академски синдикат поднесе пријави и претставки против, како што велат, грубиот и безобразен упад во синдикалното организирање на вработените во високото образование. Својата реакција ја упатија до Државен трудов инспекторат, Државна комисија за спречување на корупцијата, Народен правобранител, Државен просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика на РСМ.

„Сакаме да потсетиме дека се работи за формирање контролирани синдикати од страна на работодавачите, со што на најгруб начин, од позиција на сила, се дезавуира, омаловажува и порекнува постоењето и работењето на двата веќе постоечки синдикати кои се регистрирани и работат повеќе години, НАкС и СОНК. Ваквиот упад, со лажна изјава дека нема друг начин за да се исплати ветеното покачување од 10%, го сметаме за континуирано спроведување на политиката за понижување на академската заедница“, се вели во реакцијата на НАКС.

Според нив, станува збор за преседан, кој е непознат во демократските политички системи, а е можен само во авторитарни општества.

„Во овој миг, на чело на Министерството за труд и социјална политика, како надлежно министерство за работите во синдикалното организирање,  се претставнички на двете најголеми политички партии – ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Јавно ги повикуваме Министерката Рашела Мизрахи и Дополнителен заменик министер Санела Шкријељ да го почитуваат Законот за работни односи и да не потпишат решение за впишување на незаконито формираните синдикати на УКИМ и УКЛО во Регистарот на синдикати. Во спротивно, ќе сметаме дека и двете партии се дел од беззаконието, самоволието, манипулациите и понижувањето на високото образование – практики кои мораат да престанат веднаш“, стои во соопштението на НАКС.

Дополнително, од Независниот академски синдикат реагираат на вчерашната изјава на Министерот Адеми, дека имало потреба од формирањето на новите „синдикати“ поради тоа што немало репрезентативен синдикат на двата најстари универзитети.

[…] покрај тоа што е неточна, во целост ги потврдува манипулациите на ректорите на УКИМ и УКЛО и грубо и целосно ги отфрла нашите укажувања и барања и нѐ наведува на заклучок дека деновиве од страна на Министерот Адеми бевме изложени на низа игри и манипулации под закрила на некаков „искрен“ дијалог и преговори“, стои во реакцијата на НАКС.