Најзастапени авионски дестинации и годинава се Истанбул, Цирих, Виена, Базел и Малме

Од месец јануари до месец октомври 2017 година, вкупниот број на превезени патници од аеродромите „Александар Велики“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид изнесува 1. 731.098, што претставува зголемување од 12, 8% во однос на истиот период претходната година кога бројот на патници изнесуваше 1.534.591, информира Министерството за транспорт и врски.

Како најзастапени дестинации според бројот на патници и понатаму остануваат Истанбул 12,4%, Цирих 8,7%, Виена 6,7%, Базел 5,2% и Малме 4,6%.

„Само во месец октомври 2017 година од двата аеродрома во Република Македонија, превезени се вкупно 184.393 патници. Споредено со 2016 година, кога во текот на истиот месец се регистрирани 151.877 патници, забележан е раст од 21,4%“, велат од министерството.

На аеродромот „Александар Велики“ бројот на патници за периодот јануари – октомври 2017 година изнесува 1.582.989 или 12, 8% повеќе од 2016 година, кога имало 1.403.902 патници.

Исто така, забележан е и пораст од 13,3% на бројот на патници на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид – годинава 148.109, а лани за истиов период 130.689 патници.

„Рекордниот број на превезни патници е резултат на спроведување на политиките на Владата на Република Македонија за развој на ависообраќајот во Република Македонија“, соопштува министерството.