„Најголем срам за мене беше кога другите земји ја потсетуваa мојата да си го почитува Уставот“ – Марко Михаиловиќ, белградски „Европрајд“

„Тоа беше најголемиот срам за мене, кога владите на другите демократски земји мораа да ја потсетуваат мојата земја дека мора да си го почитува Уставот“, вели Марко Михаиловиќ од белградски „Европрајд“,  откако по денови неизвесност и „разумен компромис“, во средина на септември во Белград се одржа скратена рута од Прајд парадата во рамки на „Европрајд 2022“.

Тој е директор на Pride Society и координатор на активностите на „Европрајд“, а гостуваше на овогодишното издание на конференцијата за активизам ENGAGE во Скопје, каде што раскажа со какви предизвици и проблеми се соочила организацијата.

Радио МОФ разговараше со Михаиловиќ околу состојбата на ЛГБТ+ заедницата во Србија, предизвиците на Европрајдот, но и за тоа „на чии плеќи“ паднаа санкциите по одржувањето на Парадата.

„Сега во 2022 година, требаше да биде големиот триумф, кога требаше да бидеме домаќини на Европрајдот, кога требаше да бидеме домаќини на илјадници туристи, но се соочивме со повторна забрана, со реактивација на омраза за која беа одговорни медиумите кои постојано во емисиите имааа и гости од ‘другата страна’, па кога одевме да зборуваме за Прајдот секогаш имаше и ‘друга страна’, која се бори против слобода, против демократијата, против нашите животи и мислам дека медиумите имаат голема одговорност бидејќи отстапија простор за омраза, а голема одговорност имаат и институциите кои не ги осудија омразата и повиците за насилство“, вели тој за Радио МОФ.

Михаиловиќ објаснува дека „Европрајд“-от како настан не е зависен од држави, ниту од ЕУ, туку се организира од страна на Европската Асоцијација на Прајд организатори, кои ја доделуваат лиценцата за организирање три години претходно.

„Белград победи од една и единствена причина – бидејќи рековме дека ‘Европрајд’-от ни е потребен за да покажеме колку се длабоки проблемите со кои се соочуваме, не само во Србија, туку и во Западниот Балкан. За жал, мислам дека успеавме да го покажеме тоа многу подобро од она што планиравме. Забраната за ‘Европрајд’ во Белград е голем пораз за државата, голем пораз за правната држава, голем пораз за српското општество.  Па така, успеавме во нашата основна намера, а се надевам дека наредната година ќе имаме некакво позитивно помрднување“, истакнува Михаиловиќ.

Тој истакнува дека единствената добра работа која произлегла од „Европрајд“-от е што голем број на луѓе се разбудиле и сфатиле колку длабоко се вкоренети проблемите на ЛГБТ+ заедницата и сфатиле дека Прајдот не е борба само за ЛГБТ+ заедницата туку е борба за целото општество, демократијата и највеќе од сè, владеењето на правото.

Општествените ставови се менуваат како што луѓето зборуваат за своите проблеми.  Незнаењето раѓа омраза, омразата раѓа насилство, а насилството предизвикува катастрофи, хаос и немири во општеството.

„Оваа година и овогодишната ситуација со ‘Eвропрајд’-от мислам дека значајно нè уназади и за седум дена успеа да нè врати на точката на која бевме во 2010 година, единствено што остана непроменето е луѓето кои ја дадоа својата поддршка и сега се побројни и се надевам дека и следната година ќе се солидаризираат со нас и ќе застанат со нас во одбрана со здравиот разум“, посочува Михаиловиќ.

Популизам и лицемерие

Михаиловиќ се навраќа на денот кога само неколку дена пред почетокот на „Европрајд“-от, српската и европската јавност збунето ја проследи прес-конференцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ на која соопшти дека „Европрајд’-от нема да се одржи.

„Најинтересно е што Вучиќ ја најави забраната за Европрајдот на истата прес конференција на која го најави и почетокот на третиот мандат на Ана Брнабиќ како премиерка – жена која е јавно лезбејка, која има партнерка со која има дете, по трет пат да ја предводи владата на Србија. Сите ние бевме збунети и шокирани и кога после 2-3 часа стигна информацијата за склучениот договор кој Владата на Србија го направила со Владата на Косово околку граничните премини и личните карти, стана појасно дека сме искористени за да се привлече вниманието од тој проблем, кој значително негативно би влијаел на нивната власт и рејтинг“, вели тој.

Дополнително, Михаиловиќ за хајката околу „Европрајд“-от го посочува и влијанието од Русија, која преку, како што вели тој, финансирање за организирање на протести ја инструментализирала религијата и религиските лидери во Србија.

„Русија даде глас, даде можност за ширење на омраза и тоа резултираше во август оваа година организацијата да регистрира значителен број на насилства против ЛГБТИ+ луѓето, повеќе одошто во сите месеци оваа година вкупно.  Едноставно, говорот на омраза има резултати, а непостоењето на санкции против говорот на омраза дава легитимност на таквото однесување кое е забрането со закон, но сè уште е присутно“, забележува Михаиловиќ.

Тој забележува дека кај граѓаните мора да постои свесност дека луѓето на власт ќе изберат популизам, наместо нивната должност –  обезбедување добар живот за сопствените граѓани и правење на вистинска промена.

„Тоа е многу опасно – не само за ЛГБТ+ заедницата, туку за општеството во целина. Сведоци сме како во Полска е одземено правото на жената за абортус, а во Унгарија има уназадување на правата на жените и на ЛГБТ+ заедницата. Најжално од сè во целата ситуација за мене, е тоа што често во популизмот се користеше фразата ‘штитење на семејните вредности’,  а сите оние кои ги ‘штитеа’ семејните вредности ниеднаш не се огласија оваа година, кога во Србија се регистрирани 25 убиства на жени“, вели тој.

Истовремено, во Србија се регистрирани над 12.000 случаи на родово насилство и за тоа се огласуваат мал број на луѓе, а бранителите на семејните вредности не се јавуваат на овие теми – тоа е она што ги загрозува семејните вредности, а не подобрен статус на ЛГБТ+ заедницата и поправката на правните прашања во нашиот правен систем.

Што покажа белградскиот Европрајд?

Михаиловиќ нагласува дека борбата за подобра позиција на ЛГБТ+ заедницата не е издвоена од другите општествени проблеми при соочување со растот на национализмот, со јакнењето на екстремната десница, со губењето на секуларноста во српската држава.

Според него, трагично е што во Србија, Црквата отворено и бесправно да се меша во секуларните прашања, притоа игнорирајќи ги потребите на група луѓе.  За Михаиловиќ, тоа претставува подлога за политичарите да ја инструментализираат Црквата, националниот и етничкиот идентитет за сопствени потреби, а не за потребите на граѓаните.

„Личниот идентитет е лична работа, а луѓето кои патат поради својот различен идентитет, тоа не е лична работа, туку општествено прашање за кое должна на одговор е Владата. Исто така, жал ми е што повторно правиме еден забележлив регрес, така што мислам дека и во регионов има слични проблеми, па мораме солидарно да се бориме против нив“, вели тој.

Михаиловиќ посочува дека „Европрајд 2022“ покажал дека мора да се пронајде нов начин на заедничка борба за подобро општество, покажал дека е потребна поголема инклузивност, но и дека системот на организирање на Прајдот мора да биде повеќе транспарентен и попристапен за обичните луѓе кои би сакале да се вклучат.

„Ни покажа дека државата не е на наша страна и дека државата не е на страната на сопствените закони, ниту го почитува сопствениот Устав – тоа беше и најголемиот срам за мене, кога владите на другите демократски земји мораа да ја потсетуваат мојата земја дека мора да си го почитува Уставот“, нагласува Михаиловиќ.

Говорот на Михаиловиќ на ENGAGE 2022
Фото: Радио МОФ

Медиумска хајка

Зборувајќи за состојбата на медиумите во Србија, Михаиловиќ вели дека се забележува повлекување од објективното известување, а преовладува сензационализмот, што е опасно бидејќи медиумите веќе не се  мерило и контрола на властите, туку нивни слуги.

„Во Србија, поголемиот дел од медиумите се под директна контрола на власта и тоа е страшно бидејќи ги изгубивме некои од основните слободи, меѓу кои слободата на изразување, слободата на групирање и медиумската слобода, а без независно новинарство не можеме да одговориме и не можеме адекватно да зборуваме за проблемите со кои се соочуваме“, вели тој.

Дополнително, Михаиловиќ посочува дека при медиумските гостувања, секогаш е присутна „другата страна“, па активистите и организаторите се сведени константно да влегуваат во дебати со лица чии ставови не се базираат на научни факти и шират дезинформации.

Михаиловиќ дополнува дека само тој, добива над 100 закани по живот на дневно ниво, додека пак севкупно, организаторите биле мета на говор на омраза од страна на високи црковни функционери.

„Исто така оваа година се случи и тоа да дојдат турски активисти и да развијат транспарент кои самите го направиле околу Косово, тема која е многу контроверзна во Србија.  И со тоа оправдале дел од закани на кои посочуваа десничарите, а од друга страна еден турски активист го сликал својот гол задник пред Црквата ‘Св. Марко’ и мислам дека десет години нема да се опоравиме од таа слика“, вели Михаиловиќ кој дополнува дека субјективно, не го осудува начинот на кои индивидуи ги изразуваат своите ставови.

Сепак, нагласува тој, противниците на Прајд парадите секогаш ќе се навраќаат на тие слики кои ги оправдуваат нивните ставови дека ЛГБТ+ заедницата е против религија, против традиционални вредности, притоа додавајќи дека најтажно од сè е што чинителот на тие дела не е од Србија.

„Министерот на внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, најави дека ќе забрани влез во Србија за тие луѓе, а тоа за мене е тоа посебен скандал бидејќи тоа е уште една потврда дека не се почитуваат никакви граѓански права и слободата на размислување. Како да се движиме кон некој бизарен тоталитаризам или теократија каде Црквата има некоја предоминантна улога во тоа што се случува во нашето општество, додека од друга страна се бранат педофили во црквените редови, се заташкуваат случаи на злоупотреба на деца и се плаќаат најскапи адвокати да ги одолговлекуваат правните процеси за да дојде до застарување“, вели тој.

Михаиловиќ нагласува дека истовремено, не се покренати никакви кривични пријави против хулиганите и напаѓачите на „Европрајд“-от и покрај тоа што сликите и видеата беа повеќе од јасни.

„Неколку полицајци завршија во Ургентен центар, двајца активисти од Албанија беа нападнати пред самата полиција која ништо не презеде и нема никакви пријави против хулиганите, има пријава за една личност, што е скандал“, вели тој.

Тој се надоврзува на јавната „мантра“ – „како децата ќе го гледаат тоа“, изрека што често можеше да се слушне и прочита во јавноста, иако забележува дека децата се растат со реални шоуа на националните телевизии, каде буквално се тепаат жени, а никој не реагира.

„Мене повеќе ме загрижува што ќе биде со децата кои го гледаат тој модел на однесување кој нив им се сервира како прифатлив – во ред е да мразиш и да тепаш, да бидеш насилник, ама не е во ред  да зборуваш за своите слободи. Ние како ЛГБТ+ личности ги немаме сите права како другите граѓани што е погрешно и нефер, па оттаму многу сум загрижен за иднината“, забележува Михаиловиќ.

Историјат на белградски Прајд паради

Михаиловиќ раскажува дека првата Прајд парада во Србија се одржала во 2001 година, по паѓањето на режимот на Слободан Милошевиќ и воведувањето на демократскиот систем во Србија. Но, таа за кратко е прекината поради брутално насилство од страна на екстремни десничари и хулигани.

По тоа следува неуспешниот обид во 2004, но и во 2009, кога Парадата е забранета. Следниот обид е во 2010 година кога, како што вели Михаиловиќ, 600 посетители парадирале опкружени од голем број на полициски службеници и уште поголем број на хулигани. Во наредните три години, Парадите биле забранети и покрај одлуките на Српскиот Врховен суд дека забраната е неуставна.

Тој нагласува дека државата продолжила да ја забранува Парадата, но во периодот од 2014 до 2021 година, со изоставање на пандемиската 2020, Србија имала успешни белградски Прајд Паради.

Ивана  Смилевска