Кривични пријави против некои учесници на „Европрајдот“ во Белград

Кривични пријави против поединци што земаа учество на годинешниот „Европрајд“, најави денес министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин.

Радио телевизија Војводина јавува дека министерот најавил и казни за оние кои минатиот викенд за време на парадата ја нападнаа полицијата, а според неговата изјава, за некои ќе биде забранет и влез во земјата.

На прашањето дали се знае кон кого се насочени казните, Вулин одговорил дека се знае кои се и од каде се. Тој истакнал дека е горд на секој полицаец што добро ја вршел својата работа за време на собирот.

„Зарем навистина мислите дека полицијата ја поддржува геј парадата и дека членовите на МВР се одушевени од нејзиното одржување? Сепак не можевте да го забележите тој став преку однесувањето на полицајците бидејќи тие работеа професионално затоа што ничија безбедност не смее да биде загрозена“, нагласил Вулин.

Тој рече дека оние што протестираа против парадата минатата сабота се хулигани и дека нивната цел не била протест против парадата туку за да се тепаат со полицијата и поради тоа ќе бидат казнети на соодветен начин.

„Европрајдот“ е најзначајниот европски настан на ЛГБТИ+ заедницата. За неговото одржување годинава во Белград се знаеше уште пред три години. И покрај тоа, месец пред одржување на настаните од програмата што започна на 12 септември, а во чии рамки беше предвидена и парадата, во Србија имаше протести и литии што парадираа против нејзиното одржување.

Владата на Србија го забрани одржувањето, а по договор со организаторите беше договорено парадата да се одржи со скратена рута од од Уставниот суд до стадионот Ташмајдан, каде што се одржа концерт. Додека траеше собирот, непосредно пред започнување на маршот, група демонстранти се доближија до групата што се собираше за парадата и се обидоа да ги нападнат со цел да запре одржувањето. Полицијата успеа да спречи да нема судири.