Над 300 невладини организации ги повикаа ООН да покренат истрага за кршење на човековите права во Кина

Повеќе од 300 невладини организации побараа од Обединетите нации (ОН) да воспостават меѓународен механизам задолжен за истрага во однос на кршењето на човековите права во Кина и ги повикаа највисоките органи на светската организација да „дејствуваат решително“, пренесува српски „Н1“.

Организации од повеќе од 60 земји испратија писмо до генералниот секретар Антонио Гутереш, високиот комесар за човекови права Мишел Башеле и земјите членки на ООН.

Потписниците се повикуваат на иницијативата на 50 експерти на ООН кои кон крајот на јуни повикаа на „решителни мерки за заштита на основните слободи во Кина“ и ги осудија „масовните кршења на човековите права кои Кина ги направила во Хонг Конг, Тибет и Ксинџијанг, ограничувајќи ги информациите за пандемијата Ковид-19, како и нападите врз активисти за човекови права, новинари, адвокати и критичари на владата низ целата земја“.

Невладините организации исто така ја обвинуваат Кина за таргетирање на активисти за човекови права во странство, задушување на интелектуалната слобода надвор од Кина и за цензурирање на интернетот.

Во писмото се осудува и обидот на Кина да привлече „иницијативи кои сакаат да истражат сериозни повреди на човековите права и меѓународни злосторства извршени во земји ширум светот“, обвинувајќи го Пекинг за „погрешно претставување на мандатот на Советот за човекови права на ООН.

Затоа, организациите бараат од телото на ООН бројни конкретни мерки, специјална седница на Советот за човекови права, назначување на специјален пратеник, а од Башеле бараат да го искористи мандатот преку мониторинг на кршењето на човековите права и објавување извештаи за тоа прашање.