Над 20 жртви во Сирија, бомбардирани биле и училишта и градинки

Шест училишта и две градинки биле бомбардирани од сириските власти во провинцијата Идлиб откако се интензивирала воената пресметка во последното упориште на опозициските сили во земјата.

Според Белите шлемови, во нападот на сириската војска, помогнати од руски авиони, загинале 21 лице, пренесе Гардијан.

Јусег Кашто, наставник во училиштето Ал-Барем, рекол дека бомбардирањето започнало во 8 часот наутро, што ги натерало наставниците да ги пратат децата дома. Додека учениците заминувале касетна бомба паднала во школскиот двор и усмртила три наставници и ученик, а тешко биле повредени уште шест лица.

„Веќе две недели работиме во вонредна ситуација поради ескалацијата на режимот и руските напади на градот Идлиб. Два наши наставници сега се во критична состојба. Родителите дојдоа во училиштето преплашени барајќи ги нивните деца кои сè уште се во шок“, изјавил Кашто.

Од почетоков на годинава најмалку 22 образовни установи биле бомбардирани во Сирија според информации на организацијата Бели шлемови кои го следат конфликтот. Тие додаваат дека вкупно се убиени 400 цивили откако претседателот на Сирија, Башар Ал Асад и руските сојузници во декември почнале силна офанзива врз бунтовниците и џихадистичките групи кои добиваат поддршка од Турција во северозападната провинција Идлиб.

Според Обединетите Нации, насилството предизвикало еден милион луѓе да избегаат од своите домови и да се упатат кон турската граница, која е затворена за бегалци. Стотици илјади семејства во моментов кампуваат во зимски услови без соодветно засолниште, храна и здравствена помош.