Националниот парк „Шар Планина“ ги забрани моторните возила и објави мапа каде смеат да се движат

Националниот парк „Шар Планина“ донесе одлука за забрана за движење на моторни возила надвор од дозволените патишта во рамките на заштитеното подрачје. Како што информираат од управата на паркот, забраната важи за секое движење во природа, освен во населените места и на постојните патишта, а целта е да се заштитат природните вредности од деградација и уништување, да се овозможи мир за дивите животни, заштита на приватните ресурси и уживање на љубителите на природата, пренесе Мета.

Исклучок од забраната ќе биде движењето заради земјоделски, шумарско-стопански, конзервациски или научни дејности, кои се предвидени во законот за природа и за кои има одобрение од НП „Шар Планина“.

„Моторните возила влијаат на земјоделските области, биоразновидноста и водните системи, што резултира со загуба на биодиверзитетот и нарушување на еколошката рамнотежа. Националниот парк е дефиниран како подрачје со високи природни, културни и еколошки вредности, а забраната за движење со моторни возила ќе ја заштити природата и ќе овозможи мирно и безбедно искуство за посетителите“, се вели во соопштението од НП Шар Планина.

Управата на паркот објави и мапа на која се прикажани сите патишта на кои е дозволено и забрането движењето.