На туристите ќе им се наплаќа влез во Аја Софија

Во средината на 2020 година, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја претвори светски познатата Аја Софија во Истанбул од музеј во џамија. По промената влезот беше бесплатен, но наскоро тоа за туристите ќе се промени, пренесува Радио Слободна Европа.

Тогаш Ердоган ја увери јавноста дека билетите ќе бидат укинати и дека споменикот на културата е отворен за сите.

Од 15 јануари ќе има уште една голема промена, односно влезот во Аја Софија ќе биде ограничен и посетителите повторно ќе треба да купат билет.

Министерот за туризам Мехмет Нури Ерсој се надева дека промената ќе доведе до подобар соживот меѓу верските и туристичките посетители.

Туристите неизбежно создаваат врева и го нарушуваат мирот и молитвата, изјави неодамна Ерсој.

Досега, туристите и верниците можеа заедно да влегуваат во внатрешноста на Аја Софија, со бариери и патокази кои одржуваа одредено растојание. Сепак, од средината на јануари верниците и посетителите ќе имаат посебни влезови.